Македонија
18. May 2017 - 14:52

СДСМ во Собранието ќе поднесе предлог за укинување на екстерното тестирање

СДСМ најави дека денеска до Парламентот ќе ги достават предлог измените на законите за основно и за средно образование со кое ќе се укине екстерното тестирање.

- Очекуваме по скратена постапка да се донесат законските измени и уште од оваа година да се укине екстерното тестирање за учениците од основното и средното образование. Ветивме дека меѓу првите наши приоритети ќе биде укинувањето на штетниот таканарен проект екстерното тестирање што предизвика трауми кај учениците, стресови кај родителите, казни за наставниците. Сакаме да ги заштитите учениците, родителите, наставниците и професорите уште оваа година, да не треба да поминуваат низ голготата низ којашто поминуваат години наназад, изјави пратеникот Стефан Богоев.

Тој додаде дека овој проект дал негативни резултати, наместо да влијае на подобрување на образовниот процес.

- Обратно од се ова, новата влада и новото парламентарно мнозинство се цврсто определени да работат на решенија што ќе придонесуваат за квалитетно образование од коешто ќе излегуваат оспособени и стручни кадри. Ќе работиме, како што ветивме, не преку казни, туку по принципот на награди. Така ќе ги мотивираме учениците, наставниците и професорите, училиштата, да се заложуваат за резултати во образованието, како важен сегмент преку коишто ќе се развива и општеството во коешто живееме, рече Богоев.

Тој ги повикува сите политички партии да го поддржат овој предлог во интерес на учениците, наставниците, родителите и граѓаните.