Бизнис
17. May 2017 - 19:38

СДСМ во буџетската каса ќе затекне 180 милиони евра достапни за трошење веднаш

Новата влада ќе затекне 180 милиони евра во буџетската каса расположливи за трошење веднаш.

Според информациите од министерството за финансии, од почетокот на годината собрани се 57 милијарди денари од даноци и придонеси, а уште 5 милијарди денари од неданочни добивки. При тоа, дефицитот помеѓу приходите и расходите изнесува околу 1 процент.

Во октомври буџетот за годинава беше донесен на основа на проекција за раст на економијата од 3%, со приходи од 187 милијарди денари и расходи од 206 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е предвиден да изнесува 3 проценти од БДП.

Кире Наумов од СДСМ деновиве изјави дека идната влада ќе треба да направи ребаланс на буџетот бидејќи постоечкиот не е поддржан од нивните пратеници, а новата влада ќе има и поинакви програмски приоритети.

Од финансии велат дека во 2006-та, кога ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, во буџетот затекна милион евра и блокирана сметка заради поголем број судски решенија за присилна наплата на долгови кон фирми и граѓани.