Македонија
25. July 2017 - 11:52

СДСМ: Владата враќа долговите направени од ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ во реакција на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ наведува дека скапото и расипничко задолжување на ВМРО-ДПМНЕ ги осиромаши граѓаните и го наруши угледот на РМ.

- Расипничкиот однос кон парите на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ ја загрози и исплатата на плати на припадниците на АРМ, како и одржувањето на мировните мисии во странство. Поради неодговорниот однос на претходната Влада, во Министерството за одбрана недостасуваа околу 100 милиони денари за плати, осигурувања и дополнителен ангажман. Преку ребалансот на Буџетот и со рационализацијата на трошоците обезбедени се парите за целосна и навремена исплата на обврските кон припадниците на АРМ, стои во реакцијата.

Сметаат дека наместо тајните скапи и неконтролирани задолжувања, Владата предводена од СДСМ преку одговорно, отчетно и домаќинско работење ја намалува стапката на задолженост, ги враќа долговите направени од ВМРО-ДПМНЕ, а парите наместо за лускузузирања, ги насочува кон граѓаните и нивните потреби.