Македонија
16. јуни 2017 - 11:43

СДСМ: Проблемот со депонијата во Струга интензивно се решава

СДСМ денеска соопшти дека проблемот со депонијата во Струга интензивно се решава со сета расположива механизација по што ќе следува затрупување и нејзино целосно расчистување.

- Пожарот на депонијата веќе се гаси, по што ќе следува затрупување на депонијата и нејзино целосно расчистување. Владата предводена од СДСМ ефикасно и трајно ќе го реши долгогодишниот проблем со струшката депонија за кој ВМРО-ДПМНЕ единаесет години не направи ништо, вели СДСМ во соопштението.

Според СДСМ, лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да бара решение за проблемот откако новата Влада формирала комисија чиишто задолженија интензивно се спроведуваат на терен и се преземаат мерки за гаснење на пожарот и решавање на проблемот.

- Денес, како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ за ситни политички поени прикажува лажна загриженост за проблемите на граѓаните, барајќи итни мерки дури откако тие веќе се спроведуваат, се наведува во соопштението.