Македонија
18. August 2017 - 17:00

СДСМ не ги открива кандидатите за градоначалници но дел од нив веќе започнаа Фејсбук кампања

Партијата анализира, кандидатите се рекламираат на социјалните мрежи. СДСМ се уште нема официјални кандидати за градоначалници за локалните избори на 15 октомври. Од Бихаќка велат дека се уште прават анализи по што ќе се знае со кои кадри ќе ја бараат довербата од граѓаните оваа есен.

Богоев чие име се спомнуваше како можен кандидат на СДСМ за Карпош денеска вели дека воопшто не поднел кандидатура за локалните избори и дека не сака да коментира. Дека е далеку од градоначалничката кандидатура говори активноста на претседателот на општинската организација на СДСМ во Карпош. Душко Весковски веќе подолг период плаќа за реклами на Facebook, а на граѓаните им ветува проекти кои би ги реализирал кога би станал градоначалник.

Далеку пред него е Златко Марин кој за својата кандидатура во Аеродром спонзорира постови на Facebook веќе неколку месеци. Тој оди и чекор подалеку и одржува и средби со граѓани во општината. Слично како него, промоција на социјалните мрежи си прави и Филип Темелковски кој одржува средби со граѓаните на Кислева Вода од кои ја бара поддршката за градоначалнички мандат.

Кандидатурата на социјалните мрежи преку платени постови ја најавува и градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски кој вели дека и во наредните 4 години ќе покаже дека има визија за Куманово.

Во останатите општини сите имиња кои се вртат се на ниво на шпекулации. Извесно е дека во Центар ќе се кандидира директорот на ПОЦ, Саша Богдановиќ, а Жерновски, кој според партиски извори не е омилен на Бихаќка постои можност во изборната трка да влезе како самостоен кандидат.