Македонија
17. April 2017 - 16:16

СДСМ најавува брзо формирање влада, ВМРО-ДПМНЕ бара откажување од Тиранската платформа

СДСМ денеска преку соопштение го повтори ставот дека парламентарното мнозинство од 67 пратеници, избрано на кредибилни избори, ќе го избере новиот собраниски претседател, а потоа и новата реформска влада која, велат, ќе се случи многу брзо, според Деловникот, Уставот и законите.

- Постои легитимно формирано парламентарно мнозинство коешто е власт во државата, зад кое што стојат најмалку 700.000 граѓани кои избраа промени на режимот. Тоа мнозинство има обврска да ја спроведе граѓанската волја, наведуваат од СДСМ.

Според партијата, граѓаните на 11 декември 2016 година ги избрале промените, а дека ВМРО-ДПМНЕ се опозиција која мора да овозможи мирен трансфер на власта порачала и меѓународната заедница. Додаваат дека Груевски нема право да нуди 51 избран пратеник од ВМРО-ДПМНЕ бидејќи, како што посочуваат, парламентарно мнозинство веќе постои.

- Граѓаните не сакаат повеќе памфлети и ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се помири дека таканаречениот Манифест може да биде дел само од нивните витрини. Постои Програма на новата реформска влада што е единствен валиден документ за граѓаните и којашто им обезбедува квалитетен живот на сите, во правна држава, унитарна, со евроатланстки перспективи. Ќе има многу брзо нова реформска влада затоа што тоа е мнозинска волја на граѓаните, се наведува во соопштението од СДСМ. 

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение повторно обвини дека лидерот на СДСМ Зоран Заев против волјата на граѓаните ја прифатил тиранската платформа и ја турка нејзината реализација, за што потврдиле Мухамед Зекири од неговата партија и Зијадин Села од Алијансата на Албанците кој, како што наведува, јавно кажал дека без реализирање на таа платформа нема да влезе во влада.

- Зијадин Села е човекот од кого ќе зависи идното владино мнозинство на Заев, а кој јавно кажува дека македонската нација пред 100 години не постоела, дека не го признава македонското знаме и химна и дека сака да ги смени и нив и Уставот. Криминалецот Заев молчи на ваквите изјави на својот иден владин партнер, како што молчеше и тој и СДС на антидржавните изјави на Еди Рама и Дитмир Бушати, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според оваа партија, граѓаните се постизборно измамени бидејќи, велат, Заев им сервирал нешто за што не гласале на избори, поради што со право се револтирани.

- Граѓаните се против секакви странски платформи и мешања во внатрешните работи на Македонија. Тоа секој ден јасно го кажуваат на улиците ширум Македонија и тоа треба да се почитува, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.