Бизнис
19. July 2017 - 17:25

СДСМ достави предлог за измени во Законот за заштита од пушење

Се менува законот за заштита од пушење. Ќе биде дозволена соба за сместување на пушачите во јавните објекти, и тоа најмногу до 30% од просторот, а во сите други простории ќе стојат ознаките дека пушењето е забрането.

Ова посебно се однесува на угостителските објекти. Ова се само дел од измените кои по скратена постапка се доставени во Собранието од 6 пратеници на СДСМ, меѓу кои се Петре Шилегов, Томислав Тунтев и Ивана Туфегиќ. Во образложението за измените, пратениците на СДСМ наведуваат дека со стогите мерки во сегашниот закон, намалена е работата на угостителите, со тоа се зголемени отпуштањата од работа. Угостителскиот сектор доживува драстичен пад на прометот (околу 75%) особено во зима, доцна есен и рана пролет, период во кој угостителите  се дополнително оптоварени со зголемени режиски трошоци, наведуваат пратениците.

Од друга страна, намалениот обем на работа има и намалени обврски по основ на ДДВ и престанок на закуп на земјиштето сопственост на Република Македонија за поставување урбана опрема, следствено и комунална такса, со што директна штета трпат и општината и државата, наведуваат пратениците. Контрадикторно е што ако се запали цигара на тераса во пролет и лето кога нема најлони и прегради – нема ниту казна, а кога е зима и има прегради – има и казни. Тоа угостителите ги става во директна зависност од метеоролошките услови, што е прилично неблагодарна ситуација, наведуваат пратениците. 

Граѓаните се поделени, а угостителите се среќни. Од ХОТАМ велат дека досегашниот закон не беше добар и не профункционира како што треба за сите. Затоа очекуваат дека по измените, овој закон треба да важи за сите подеднакво:

- Не може во еден ресторан да се пуши, во друг не, досега беше така, едни беа повластени, едни беа санкционирани, јавна тајна е дека се одеше на поедини места затоа што се пушеа цигари. Јас сум непушач и сакам  да не се пуши акко во Германија и Шведска на пример, во ова е Македонија. Очекувам инспекциите да си за јавршат работата, изјави Крсте Блажевски од ХОТАМ.

Ова е втор обид Собранието да ги изгласа измените во законот за заштита од пушење. Првиот пат истиве пратеници измените ги доставија во Декември 2015 година, но не ја добија пратеничката поддршка. За да поминат, потребни се гласовите од 61 пратеник.