Македонија
7. August 2016 - 9:28

Санација на патот Шипковица - Бродец, затрупан по невремето

Триста метри од патот Шипковица - Бродец е затрупан од наноси на камења, кал и вода по свлечиштето предизвикано од големите врнежи од дожд проследени со грмотевици и силен ветр што вчера попладне го зафатија реонот на Шар Планина и околината.

Наносите причиниле и дупка од десеттина метри на патот. Поради ова отсечени се селата Бродец, Вешала и Бозовце. На самото место веднаш по добиените информации за оваа состојба со потребната механизација излегле екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, „Македонија пат“, како и локалната самоуправа од Тетово со територијалната противпожарна бригада.

Ивица Наумовски од Дирекцијата за заштита и спасување изјави дека го санираат патот за да се овозможи движење за луѓе, бидејќи голем дел од иселениците што се дојдени да ги посетат своите роднини се во селата Бозовце, Вешала и Бродец. Се очекува  денеска  патот да биде прооден само за пешаци, меѓутоа тоа ќе зависи од времето зашто се очекуваат нови врнежи. 

Според градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи  габаритот на невремето не е со интензитетот од минатата година.

- Има посебни места кои и се предвидени со проекцијата што ја имаме и студијата на УНДП каде навистина треба да се интервенира темелно и едно од тие места е токму ова свлечиште на патот Шипковица - Бродец,  рече вчера Арифи.

- Знаејќи од минатата година, сега сме подготвени и не смее да не изненади ништо. Ние сме мобилизирани со целиот потенцијал што го имаме и човечки и материјален и машинерија со кои располагаме,  изјави Раководителот на територијалната противпожарна бригада Ука Алити.

Невремето што доаѓа точно по една година од драстично поголема природна непогода од август минатата година за среќа не предизвика повторување на катастрофалните состојби со загинати и огромни материјални штети на куќите и другиот имот на жителите од Шипковица но и неколку други населени места во Тетовско.

-Дел од жителите што живеат во селото Шипковица ги прифатија нашите препораки што ги дадовме, над селото околу петстотини метри им дадовме предлог да направат нова насока на водата што течеше низ селото и да оди во езерото што поголемиот дел од годината е суво а кога има поголеми дождови или кога снегот се топи при надоаѓањето на поголеми води така што тие самите направија по нашите препораки направија пренасочување на тие води така што селото Шипковица годинава е спасено од поројниот дожд, смета Наумовски.

Според информациите од прес-службата на општина Тетово, во селото Голема Речица врнежите од дожд го зголемија нивото на реката но во моментот ситуацијата е под контрола и нема поплави или оштетувања на имототите на граѓаните. Оперативните екипи се на терен, каде што се во постојан контакт со локалните жители, состојбата  постојано се следи  а е започнато со чистење и проширување на речното корито со соодветните машинерии на местата каде што тоа е неопходно.

Бидејќи се најавуваат дополнителни врнежи од дожд и во следните денови присутните екипи на теренот продолжуваат со работита за што поскоро пробивање на патот кон Бродец но и внимателно следење на состојбите со критичните места во Тетовско. Во случај на потреба надлежните ги повикуваат граѓаните да се јават во ургентната телефонска линија 193 – Територијална противпожарна единица, која што ќе биде 24 часа достапна за нив.