Македонија
14. April 2016 - 9:40

Самостојна изложба на цртежи од Гордана Винчиќ во галеријата Остен

„Интуитивна исповед“, самостојна изложба на уметницата Гордана Винчиќ вечер ќе биде отворена во галеријата Остен. Ќе бидат изложени 30 цртежи, женски актови, комбинирана техника (јаглен, пастел и туш) на хартија.

- Сите мои дела се создадени во момент на интуитивна исповед при која ги ослободувам моите потиснати емоции. Тие ослободени проникнуваат и се чувствуваат во ликовите. Споделувајќи го искуството сакам да го поттикнам гледачот сам да се осврне кон своите чувства, вели во писмената изјава Винчиќ. 

Гордана Винчиќ е родена во Скопје, а живее и твори во Малме, Шведска. Во 1998 година завршува студии за социјална работа и политика при универзитет Лунд. По дипломирањето почнува да се занимава со психологија, а исто така се здобива и со 15-годишно лидерско искуство во повеќе области. Големо влијание врз творештвото на Гордана има нејзината мајка која како ликовен уметник и историчар на уметноста, уште од мали нозе и ги всадила корените и тајните на сликарството. Удел во слободоумното сликарство на Винчиќ има и нејзиниот татко кој е носител на Медал за храброст, Орден за труд и Јубилеен медал за заштита на спомениците на културата во тогашна СФРЈ.

Делата на Гордана самите по себе се наративни и носат длабока мистичност, носталгичност и надреална симболика. Секое нејзино парче уметност ги поттикнува сетилата, тера на размислување и барање одговори. Авторката преку своите дела ги спојува уметноста и личниот развој, а главниот поттик и е фасцинираноста од потсвесното знаење и мудрост кои секој човек ги носи во себе. Кај набљудувачот сака да предизвика размисли за мистиката на животот, митологијата и симболиката, се со цел достигнување на повисоко ниво на свесност и среќа.

Винчиќ зад себе има реализирано повеќе самостојни изложби, меѓу кои една од позначајните е изложбата „Transitions“ во музејот на „Puskinska10“ во Санкт Петерсбург во 2015 година. Таа има создавано и изложувано дела заедно со својата сестра во Франција, Шведска, Англија и Македонија. Поради големото искуство и знаење во доменот на социјалната работа и политика, Винчиќ во соработка со шведските власти има одржано преку 300 визуелно-иновативни ликовни работилници. Се потпишува и како организатор на голем број семинари во Шведска за лидерство, каде што основните алатки се токму нејзините уметнички дела.

Иако Гордана професионално работи како ликовен уметник повеќе од 10 години, студира на Ликовната академија во Малме од 2015 година. Во февруари 2016 година Винчиќ ја издаде првата книга „Лицата на Александар и градот со седум капии“, каде ги има претставено методологијата на работа и делата создадени заедно со нејзината сестра, кои беа изложени во порта „Македонија“ во 2014 година.

Изложбата на Винчиќ ќе биде поставена до 26 април, а ќе може да се погледне секој работен ден од 9 до 17 часот, и во сабота од 10 до 13 часот.