Македонија
10. January 2017 - 19:44

Самохран татко со две малолетни деца се бори со студот

Под стар покрив, со дупки во ѕидовите, бетонски под и  минимално греење живее семејството Христови од Припор.  Таткото Владимир и двете дечиња секојдневно се борат со минусните температури во несоодветни услови. Не примаат ниту социјална помош.

Додека се на училиште времето брзо минува, но не и на зимскиот распуст бидејќи се сите дома а дрвата за огрев не постигнуваат да ја затоплат единствената соба во која живеат. За да се стигне до нивното трошно огниште се искачуваат монтажни и небезбедни скали а кога ќе се влезе во   куќата е студено исто како и надвор. Владимир има 39 години и поради повреда на кичмата останува без стабилна работа бидејќи е со намалени работни способности.

Пред 3 години децата остануваат без мајка, за нив сега се грижи татко им и 70 годишната баба која е изнемоштена и едвај подвижна. Марија има 9 а Огнен 6 години. На училиште се вредни и имаат добри оценки. Учат и англиски но најмногу сакаат да цртаат.

Копнежот за топол дом го отсликале и на еден од цртежите.