Бизнис
25. September 2016 - 12:33

Салоне дел Густо: Производителите и потрошувачите да се среќаваат и надвор од пазарите

Секојдневните навики на свесниот потрошувач се многу повеќе од едноставното купување храна. Тој истражува како зеленчукот и овошјето што ги става во кошничката се произведени, сака да знае за нивното потекло и историја, да ги слушне приказните позади целиот процес. Токму ваквиот, свесен купувач има многу значајна улога зашто придонесува за добра, чиста и фер храна, редуцирајќи ги барањата за непотребна, прекумерна продукција што ги троши природните ресурси.

Ова е пораката од денешната работилница што се одржа во рамки на саемот Тера Мадре Салоне дел Густо 2016 во Торино, јави известувачот на МИА.

Учесниците уште еднаш ја нагласија улогата на фармерите и на традиционалните производители кои, како што рекоа, истовремено извршуваат дневна, практична работа (сеидба, прихранување, одгледување, берба) и вложуваат интелектуален напор, го пренесуваат знаењето стекнато од претходните поколенија на следните генерации, зачувувајќи го културното наследство.

- Земјоделците, рибарите, занаетчиите, сточарите ни покажуваат што значи да се сее, наводнува, жнее, без да се бара нешто повеќе од она што природата може да го даде. Тие се најдобриот пример за тоа што значи да се сака земјата, беше потенцирано во дискусијата.

Според експертите, дури и ако не сте директно инволвирани во производството, можете да ја сакате земјата преку она што го купувате, а за тоа треба да бидете совесни.

- Слоу Фуд отсекогаш се труди да ги здружи фармерите и потрошувачите, да креира т.н. морален синџир на снабдување. Тера Мадре Салоне дел Густо е само еден од начините за тоа. Производителите и купувачите треба да се среќаваат и надвор од пазарот. Градината е местото кое ги обединува двата клучни сегмента - знаењето и задоволството, место од кое секој може да научи повеќе за земјата, да ги нурне рацете за да ги почувствува целото време и работа вградени во производот што го јадеме, посочија учесниците и заклучија дека правењето сопствена градина е треиот начин да се сака земјата, покрај другите два - да се биде производител/фармер и свесен/совесен потрошувач.

На Тера Мадре Салоне дел Густо 2016 присуствуваат 5.000 претставници од 160 земји, над 800 изложувачи, 300 президиуми на Слоу Фуд и 500 заедници за храна на Тера Мадре, а се смета дека бројката на посетители надминува еден милион.

Покрај низата интеркативни работилници, дегустациите, презентациите, промоциите,..., има и катчиња за најмладите, но и за цели семејства.

Се потпишува петиција за зачувување на плодноста на почвата, се организираат изложби, се подготвуваат јадења во придружба на специфични звуци, музика на традиционални инструменти од соодветните региони и поднебја.

На сите отворени прашања, покрај производителите, од стручен аспект одговараат и експертите, биолози, економисти, филозофи,..., како и претприемачите, изнесувајќи ги своите искуства од праксата. Учествуваат и високи политички претставници, членови на Европскиот парламент, и активисти за здрава храна од целиот свет.  

Посебен интерес предизвикуваат т.н. Домородно Тера Мадре на кое се разговара за проблемите што ги имаат староседелците, домордните луѓе, нивните права, можноста непречено да произведуваат наспроти влијанијата на климатските промени и евентуалните решенија што ги нудат за справување со предизвиците, собите за занаетчиско пиво, состојбата со мигрантите, работилницата „Лебот и гастрономијата“ на која можат да се слушнат разликите на домашниот и индустриски произведениот леб, да се видат и вкусат на самото место, дебатата „Враќање на корените – нова визија за украинската кујна“, дегустациите на коктелите од Тоскана, Шри Ланка, Австралија, Велика Британија и на чаевите од Истокот и нивното традиционално послужување, како и настаните за Сирија и Бејрут кои го прикажуваат нивното културно наследство.