Македонија
21. November 2017 - 12:41

Саити: До 2050 во Македонија стари ќе бидат 33 проценти од населението

Според прогнозите на Обединетите нации  до 2050 година во Македонија стари ќе бидат 33 проценти од населението. Во 2008 година, според статистички податоци, стари биле 16,6 проценти од населението, а на пописот во 2002 околу 15 проценти.

- Македонија се соочува со зголемен број старо население. Според проценките на ОН животниот век на македонските граѓани до 2050 година постојано ќе се зголемува, така што тогаш 33 проценти од населението ќе биде над 60 години, рече генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија Саит Саити на денешната прес-конференција по повод Неделата за грижа за стари лица „Сите сме нивни деца“.

Целта на одбележувањето на оваа Недела, според него е да се покрене јавната свест за потребата од интеграција на старите лица, но и за обезбедување грижа и помош за нив, со оглед на постојаниот раст на процентот на старо население.

- Од овие податоци произлегува дека потребите за старите лица за социјална и здравствена заштита постојано растат, а како резултат на тоа се наметнува потребата од застапување и развивање форми за вонинституциионална заштита, што ќе овозможуваат услуги блиски до корисниците за кои се наменети, рече Саити. 

Заменик министерот за труд и социјална политика, Елми Азири, смета дека последиците од стареењето како процес можат да се почувствуваат во сите сфери на општествениот живот и оти затоа сите земји, вклучувајќи ја и Македонија, преземаат мерки и политики за надминување на последиците, но и овозможување соодветна грижа и заштита на старите лица.

Се работи, рече тој, на изградба на домови за згрижување, така што во Македонија постојат пет јавни и 25 приватни установи, но се развива и воинституционалната заштита преку отворање дневни центри, комбинирани дневни центри и центри за давање помош на стари лица, а како што потенцира, МТСП ќе ги поддржи и НВО и локалните заедници кои се подготвени да ја развиваат воинституционалната заштита и локални сервиси за помош и поддршка. Меѓудругото, ќе се преземаат и мерки за социјална вклученост на старите лица, општествена интеграција и поттикнување меѓугенерациска солидарност.

Во однос на стареењето на населението заменик-министерот за здравство Гоце Чакаровски е согласен дека политиките на државата треба да се ревидираат за да можат да одговорат на потребите на овој тренд и оти и Министерството за здравство постојано презема мерки за унапредување на грижата за стари лица.

- Се реализираат проекти за посета на стари лица во нивните домови, односно поливалентни патронажни служби од здравствените домови посетуваат стари и изнемоштени домови. Паралелно со тоа во рамки на Итната медицинска помош функционира и службата за домашно лекување со која е овозможена здравствена заштита на стари лица во домашни услови, рече Чакаровски. 

Одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица е поддржана преку австрискиот Црвен крст и австриската агенција за развој во рамки на регионален проект.