Свет
31. March 2017 - 8:51

САД: Заминувањето на Асад од власт не е веќе приоритет на САД

Заминувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад од власт не е веќе во фокусот на американската надворешна политика кон Сирија, изјави амбасадорката на САД во Обединети нации, Ники Хејли, потврдувајќи го јасниот пресврт во однос на претходната американска администрација.

- Наш приоритет не е веќе да седиме таму и да се фокусираме на отстранување на Асад, туку да видиме како да се среди ситуацијата, со кого да соработуваме за да промениме нешто за луѓето во Сирија. Не можеме да се фокусираме на Асад на начин како што правеше претходната администрација, посочи синоќа Хејли.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон вчера во Анкара изјави дека за долгорочниот статус на Асад „ќе одлучува сирискиот народ“.

Поранешниот американски претседател Барак Обама уште во август 2011 година изјави дека Асад мора да замине од власт, но до септември 2015 година неговата администрација го ублажи ставот, кога тогашниот државен секретар Џон Кери тврдеше дека Асад треба да замине, но прашањето кога тоа ќе се случи ќе се одлучува во преговорите.