Свет
13. August 2017 - 10:16

САД: Најмалку три лица загинаа, а 35 се повредени, за време на протестите во Шарлотсвил

Најмалку три лица загинаа, а 35 се повредени, синоќа во американскиот град Шарлотсвил во државата Вирџинија, каде избија жестоки судири меѓу националисти и антирасисти. 

Една жена (32) загина, а 19 лица беа повредени, кога автомобил влета во група демонстранти во центарот на Шарлотсвил. 

Двајца американски полицајци загинаа во несреќа со хеликоптер, што се урна во шумскиот предел на градот. Хеликоптерот бил испратен на местото за да ја следи состојбата на протестите. Се уште не е позната причината за падот на леталото. 

Американскиот претседател Доналд Трамп остро го осуди насилството во Шарлотсвил. 

- Остро ја осудувам оваа невидена манифестација на омраза, нетрпеливост и насилство на многу страни, порача Трамп. 

- Омразата и поделбите мора да престанат. Мораме да бидеме обединети Американци кои ја сакаат својата земја, наведе американскиот претседател. 

Гувернерот на Вирџинија Тери Меколифи прогласи вонредна состојба пред одржувањето на маршот на „белите националисти“. 

Стотина американски бели националисти, синоќа одржаа протестен марш, на Универзитетот Вирџинија, против планот да се тргне статуата на генералот  Роберт Ли од Граѓанската војна во САД, во средината на 19 век.

Во оваа војна, генерал Ли ги предводел силите кои биле против укинувањето на ропството на кое било изложено црнечкото население на Југот во тогашна Америка.

Толпата носеше запалени факли и извикуваше пароли: „Евреите нема да не заменат“, како и „Важен е животот на белците“.

Градоначалникот на Шарлотвил, каде се наоѓа Универзитетот и каде на еден плоштад е поставена статуата, остро го осуди синоќешниот марш, означувајќи го како расистички.

Организаторот на протестот, Џејмс Кеслер кој ги обвинува градските власти дека „шират омраза кон белците“ изјави за локалните медиуми дека маршот е „значаен момент за белците кои се тука и кои никаде нема да си одат“.

Учесниците на контра демонстрацијата се собраа кај споменикот на Томас Џефересон „таткото на американската независност и на демократските слободи во САД“ .

На својот протест тие истакнаа транспарент: „Студентите од Вирџинија се против супремацијата на белците“.