Бизнис
15. December 2017 - 20:18

САД ја укина интернет неутралноста, што значи тоа за нас?

Укинувањето на интернет неутралноста во Америка нема да влијае на македонските корисници и бизниси велат од АЕК. Иако  најпопуларните сајтови во нашата држава се од САД од Агенцијата  велат дека земјава ја следи евроспката регулатива која засега не доволува укинување на прописите за еднаков слободен пристап до интернет за сите.

АЕК го подржува принципот на слободен пристап до интернет, кој што е во насока подржан од европските регулаторни трендови. Согласно Регулативата за единствен телекомуникациски пазар на Европската Комисија, операторите кои обезбедуваат интернет услуги не смее да блокираат, изменуваат, ограничуваат, деградираат или дискриминираат одредена содржина, апликација или сервис.

Регулаторот за електронски комуникации на САД сношти стави крај на интернет неутралноста. Сега провајдерите во земјата ќе можат своеволно да блокираат сајтови, да цензурираат и да ја намалуваат брзината на видеата и оварањето на други содржини. 

Одлуката најмногу  ќе ги погоди бизнисите кои ќе треба да плаќаат дополнително доколку сакаат потрошувачите да имаат побрз пристап до нивниот сајт. Телекомуникациските компании ќе одлучуваат кои фирми ќе успеат на интернет. Операторите  ќе можат да им  наплаќаат посебно и на корисниците доколку сакаат Твитер или Фејсбук да им  се отвора брзо, ќе можат да им наплатат и за отворање на видеата и плус за пристапот кон интернет.

Промените во американскиот интернет простор се иницирани токму од големите интернет провајдери кои со ова видно ќе го зголемат својот профит.

Засега тие единствено ќе имаат обврска да објават, ако прават опструкција на некој сајт или сервис. Од друга страна веќе не постои орган  кој ќе може да ги заштити потрошувачите од нивното неодговорно однесување.