Свет
18. February 2016 - 11:27

САД: ИД користи хемиско оружје во Сирија и Ирак

Се верува дека екстремистите од „Исламската држава“ стојат зад нападите во Сирија и Ирак кои се случија минатата година, во кои беше користен боен отров иперит, соопшти денеска потпаролот на Стејт департментот Марк Тонер. 

- Фотографските докази, како и описот на случувањата добиени од сириската опозиција сведочат во прилог на тоа дека екстремистите на ИД се одговорни за напад со иперит во сирискиот град Мареи на 21 август, објасни Тонер, пренесува Танјуг.

Во извештајот на Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОЗХО) од 2 октомври заклучено е дека во август најмалку две лица биле изложени на дејство на иперит во Мареи, град кој се наоѓа северно од Алепо. 

Сирија требаше во целост да ги предаде токсичните хемикалии пред 18 месеци, а нивната употреба претставува кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и Конвенцијата за хемиско оружје од 1997 година. 

Тонер нагласи дека на основ на расположливите докази САД верува дека ИД е одговорна за употреба на иперит во Ирак. 

Тоа е прва позната употреба на хемиско оружје во Ирак од падот на Садам Хусеин, наведува Танјуг. 

Извор за ОЗХО потврди дека кај 35 курдски борци, кои се разболеле на едно бојно поле во август, потврдено е присуство на иперит. 

Гасот иперит, кој на германски го нарекуваат сенфгас, на англиски сулфур мустард, е со жолта боја и малку има мирис на сенф или кромид. 

Германската војска во Првата светска војна првпат употребила отровен гас како оружје, а името на местото на тоа случување, Ипр во Фландриј, и денес е во основата на името на бојниот отров Иперит. 

Иперит е хемиски агенс, класа број 1, што значи дека е многу малку употребуван надвор од хемиското војување. 

Предизвикува изгореници на очите, кожата и респираторниот систем.