Македонија
2. August 2017 - 9:05

САД: Договорот меѓу Македонија и Бугарија е пример за мирно решавање на проблемите

Американскиот Стејт департмент го поздрави потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, оценувајќи го како пример за мирно решавање на проблемите меѓу соседите.

- Соединетите Држави им честитаат на Бугарија и на Македонија за потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Овој важен, перспективен договор ги признава веќе воспоставените силни врски меѓу двете земји и ја отвора вратата за уште поблиска соработка во различни области како инфраструктурата и културата. Потпишувањето на овој Договор ќе придонесе за политичка стабилност и економски развој во поширокиот регион и нуди охрабрувачки пример за тоа како разликите меѓу соседите може да се решат мирно, се наведува во соопштението од Стејт департментот на САД.