Свет
15. February 2017 - 17:57

САД, Британија и Германија водечки земји на потекло на кибер нападите

САД, Велика Британија и Германија се водечки земји во светот од каде доаѓаат т.н. ДДОС кибер напади, чија цел е да се оневозможи давање на одредени интернет и други видови услуги, покажува извештајот на американската компанија за интернет технологии „Акамаи“. 

Според последниот извештај на компанијата, кој го опфаќа периодот октомври-декември 2016 година, во тој квартал светот е забележан раст на кибер нападите за четири отсто, а најголем дел од нив потекнувале од САД (24 проценти), Велика Британија (10 отсто) и Германија (седум проценти).

Како што јави дописникот на МИА од Берлин, за разлика од периодот јануари-септември минатата година, кога главен извор на ДДОС кибер напади во светот беа кинеските хакери, во последниот квартал според Извештајот за интернет безбедност на „Акамаи“, Кина е рангирана на четврто место со 6 отсто упади.

Русија за која германските и американските власти постојано тврдат дека помага или дозволува од нејзина територија да се вршат кибер напади е на петто место на листата на со 4,4 отсто од кибер нападите.

Владите во Вашингтон и Берлин тврдат дека хакери поврзани со руската Влада успеале да влијаат на резултатите од претседателските избори во САД, а сега се подготуваат да влијаат и на сојузните избори во Германија  во септември. 

На листата на земји од каде што доаѓаат ДДОС нападите за цела 2016 година води Кина, пред САД, по што следуваат Турција и Велика Британија.