Свет
19. December 2017 - 9:29

Саакашвили привремено ги стопира митинзите во Киев

Лидерот на украинското опозициско Движење на новите сили и поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили одлучи привремено да биде прекинато одржување митинзи на неговите приврзаници, по судирите во неделата во Киев пред Октомвриската палата.

Ова синоќа го изјави член на украинскиот Совет за национална безбедност, Иван Лозовој

- Опозицијата е многу важен дел од демократијата. Политика без опозиција, тоа е авторитаризам и диктатура. Но, ние знаеме дека Михаил Саакашвили објави дека засега е ставен целосен мораториум на понатамошни митинзи, со оглед на тоа што се случи во неделата, изјави Лозовој за украинската телевизија „Зик“.

Во неделата во Киев се одржа трет протест со барање за импичмент на украинскиот претседател Петро Порошенко, организиран од партијата на Саакашвили, кој е и поранешен гувернер на Одеса. 

Откако Саакашвили назјави дека во Октомвриската палата ќе биде организиран координативен штаб, учесниците на митингот тргнаа кон зградата околу која веќе беше распореден кордон припадници на Националната гарда. И покрај предупредувањата дека во зградата се одржува настан на кој присуствуваат и деца, демонстрантите се обидоа да влезат и скршија повеќе стакла.

Потоа дојде до судири во кои беше употребен и солзавец, противпожарни апарати и шок бомби, во кои беа повредени 60 припадници на Националната гарда од кои 15 беа хоспитализирани.