Свет
6. December 2017 - 10:29

Саакашвили повика на одржување „народно собрание“ во Киев

Поранешниот грузиски претседател и актуелен украински опозициски лидер Михаил Саакашвили денеска ги повика своите приврзаници на одржување „народно собрание“ пред зградата на Парламентот на Укранина во Киев.
 
- Денеска во 18.00 часот ќе се собереме тука и ќе ги објавиме нашите планови за симнување од власт на криминалната група и ќе почнеме процедура за импичмент на (претседателот Петро) Порошенко, изјави Саакашвили во обраќањето пред своите поддржувачи во протестниот камп поставен во блзина на зградата на Врховната рада.  
 
Саакашвили, кој сега е лидер на украинското опозициско Движење на новите сили, изјави дека е подготвен да разговара со обвинителите, кои го товарат за обид за уривање на уставниот поредок, единствено ако дојдат во протестниот камп.
 
- Сите нивни обиди, како што се поништување на регистрацијата на мојата партија, одземање на државјанството и најновите клевети, се срамни, порача Саакашвили. 
 
Повикот на Саакашвили за протести пред Парламентот уследи по денешниот нов неуспешен обид на украинската полиција за негово притворање.
 
Првиот неуспешен обид за апсење на Саакашвили беше вчера изутрина, кога тој се качи на покривот на неговата зграда од каде ги повика поддржувачите на протести. Набргу потоа, маса луѓе го извлекоа од полициското комбе во кое беше притворен и обидот за негово апсење прерасна во протест пред украинскиот Парламент.
 
Неговите приврзаници поставија камп од шатори во близината на Парламентот, од каде Саакашвили го повика претседателот Порошенко да поднесе оставка и го обвини за корупција.
 
- Полицијата ме бараше во мојот шатор, но по грешка влегоа во соседниот шатор, каде ги претепаа моите поддржувачи. Го прашувам Порошенко, каква е целта на овие провокации? Не ги напаѓајте луѓето, не ги терајте да се бранат. Ова е мирен протест, напиша Саакашвили на Фејсбук по денешниот обид за негово апсење.
 
Украинското Обвинителство вчера на Саакашвили му даде рок од 24 часа самиот да и се предаде на полицијата.
 
Обвинителството го товари Саакашвили за обид за уривање на уставниот поредок, откако тој за време на викендот организираше протести против Порошенко.
 
Саакашвили, кој беше водач на протестното движење што го урна од власт поранешниот грузиски претседател Едуард Шеварднаѕе, беше претседател на Грузија од 2008 до 2013 година. Во 2015 година, по Мајдан револуцијата во Украина, која тој ја поддржуваше, Саакашвили доби украинско државјанство и Порошенко го именуваше за гувернер на областа Одеса.
 
Но, лани во ноември Порошенко го разреши од гувернерската позициција, по што Саакашвили формираше своја партија и започна со обвинувања за криминал и корупција против шефот на државата и Владата. Порошенко во јули годинава донесе и одлука за одземање на украинското државјанство на Саакашвили, 
 
Претходно, уште во 2015 година, властите во Тбилиси му го одзедоа и грузиското државјанство