Македонија
6. јуни 2017 - 16:53

Руско МНР: Провокација е написот на Гардијан дека Русија се меша во внатрешната политика на Македонија

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека наводите на Мрежата за известување за организиран криминал и корупција за руска вмешаност во внатрешните работи на Македонија, објавени во британски Гардијан се провокација.

-Тое е ништо друго освен уште еден несмасен обид да се префрли одговорноста за предизвикувањето на длабоката криза во македонската држава. Недокажаните обвинувања на адреса на Москва дека ги финансира македонските медиуми за да шират дезинформации во интерес на руските политики, потекнуваат од организација чиишто главни спонозори се државните структури на САД и фондацијата на Џорџ Сорос. Со други зборови токму тие што отворено земаа непосредно учество во режирање на настаните на македонската внатрешнополитичка сцена, се обидуваат да пласираат некакви си обвинувања на сметка на Русија која од самиот почеток доследно се залагаше против наметнување на надворешни деструктивни решенија во Скопје, наведува Министерството во соопштение.

Според руското министерство, наводното истражување премолчува дека тоа што навистина го предизвика сериозното заострување на ситуацијата, е бескрупулозниот притисок од страна на Брисел и Вашингтон врз легимното раководство на Македонија со цел да се наметнат решенија кои не им одговараат на националните интереси на земјата.

Од друга страна новиот шеф на македонската дипломатија Никола Димитров, зборувајќи за руското мешање, во првото свое интервју дадено за Алсат, вели дека ќе работи на подобрување на односите со Руската Федерација со една забелешка

-Меѓутоа не е многу пријатно кога во една многу тешка криза, кога ние се разбудивме како граѓанство, слушајќи ја очигледната злоупотреба преку тнр ,,бомби‘‘ снимените разговори, кога Москва за жал сосема отворено се стави на страна на режимот. За мене како граѓанин на Република Македонија тоа беше навреда, бидејќи не ни треба нам некој друг да не организира. Што кажува тоа за нас како народ, ако ние самите не застаневме на нозе и со исправена глава и да кажеме: Ова не може! Вака не може. Зар треба некој од страна да дојде да не организира. И во таа смисла, со таа забелешка јас со целосно раширени раце ќе работам на поодбрување на односите со Руската Федерација. 

Инаку, британскиот весник „Гардијан“ вчера објави дека руски шпиони и дипломати речиси една деценија работеле на ширење пропаганда и раздор во Македонија, со цел Кремљ да го зголеми своето влијание во државите од поранешна Југославија и да спречи нивното членство во НАТО, како и да ги држи подалеку од западното влијание.