Свет
29. јуни 2017 - 12:59

Руско-британски спор околу потенцијалите на носачите на авиони

Руското Министерство за одбрана официјално реагираше на изјавата на британскиот министер за одбрана Мајкл Фалон дека рускиот носач на авиони „Адмирал Кузњецов“ е застарен брод од советско време, кој не претставувал закана кога мината година минуваше низ каналот Ла Манш.

Реагирајќи на авторскиот напис на Фалон во „Дејли Телеграф“, портпаролот на руското Министерство, генерал Игор Конашенков, порачува на британскиот министер дека деградирањето за рускиот носач претставува само знак за „тотално непознаење за поморската наука“.

Конашенков тврди дека „Адмирал Кузњецов“ е опремен со најмодерна техника и орудија за одбрана и напад, како противвоздушен ракетен систем и опрема за одбрана од подморнички напад, а може и да нападне и да се брани при напад од други бродови.

Според него, британскиот носач „Квин Елизабет“, иако е новоизграден, претставува само „убава и лесна поморска мета“ погодна да биде нападната.

Британскиот носач во понеделникот беше предаден на употреба на кралската Воена морнарица и се смета за еден од најголемите и најсовремени вакви бродови во светот.

Носачот има носивост од 40 авиони на неговата палуба и е со екипаж од илјада лица. Британските воени експерти тврдат дека „Квин Елизабет“ претставува „поморска база во движење“.

Рускиот носач предизвика внимание во меѓународната јавност, откако со конвој воени бродови пловеше од Северно Море, преку Ламанш за Медитеранот, до сирискиот брег. Авионите од „Адмирал Кузнецов„ учествуваа во воздушните напади против позициите на џихадистите на Исламска држава и на другите терористички групи на сириска територија.