Свет
3. јуни 2016 - 10:16

Русија за територијална размена меѓу Израел и Палестина

Москва смета дека проблемот за демаркација на границата меѓу Израел и Палестина би можел да се реши преку размена на територии, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Богданов, јави ТАСС. 

Специјалниот претставник на претседателот за Блискиот Исток и Африка ја предводи руската делегација на меѓународната конференција за уредување на палестинско-израелскиот конфликт, која се отвора денеска во Париз.

- Треба да се протурка прашањето за границата меѓу Израелците и Палестинците. Тоа може да предвидува соодветни територијални размени, имајќи предвид дека таквиот чекор озвоможува да се реши и проблемот со еврејските населби, создадени на Западниот Брег, додаде тој.

Богданов истакна дека на тој начин некои еврејски населби на Западниот Брег и на Јордан ќе можат да останат.