Живот
24. March 2017 - 9:33

Русија одбива да учествува на Евросонгот преку сателитски пренос

Рускиот „Канал 1“ ја одби понудата од организаторите на Изборот за песна на Евровизија - руската пејачка Јулија Самојлова да учествува на натпреварот „оддалеку", односно преку сателит, откако Украина и забрани на годинешната руска претставничка влез во земјата.

- Понудата за учество од далечина ја сметаме за чудна и ја отфрламе, оти апсолутно се коси со самата суштина на тој настан, гласи ставот на руската државна телевизија.

Европската радиодифузна унија (ЕБУ) вчера и понуди на Самојлова можност да учествува на Евросонгот во Киев, но нејзиниот настап да се пренесува преку сателит.

- ЕБУ вложи напори да пронајде решение за настанатата ситуација и одлучи да испрати понуди до Првиот канал на Русија - Јулија да учествува во годинешниот Евросонг по пат на директно вклучување во второто полуфинале преку сателит. Доколку би се квалификувала во финалето, и за тој дел од натпреварувањето би важел истиот принцип, стои во соопштението.