Бизнис
11. December 2017 - 9:30

Рурална коалиција: Земјоделците му дале двојка на МЗШВ од 2013 до 2016

Земјоделците не се задоволни од Министерството за зeмјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и неговата работа ја оценуваат со „двојка“, покажува најновата анализа на Рурална коалиција.

Критиките главно се однесуваат на периодот од 2013 до 2016 година, а незадоволството е особено големо заради нефункционалноста на работните тела кои треба да го обезбедат учеството на земјоделците во креирањето и спроведувањето политики во оваа област.

Како што наведува Рурална коалиција на својот фејсбук профил, ова се перцепциите и ставовите на 400 земјоделци од сите региони во државата, анкетирани во периодот октомври - ноември 2017.

Комплетните резултати од теренското истражување и анализата за транспарентноста на МЗШВ, Рурална коалиција ќе ги објави утре, на прес-конференција.

Истражувањето и анализата се дел од проектот „Отчетност за сработеното со парите на граѓаните - реформа на јавната администрација која тешко се достигнува“ што се реализира во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за транспарентност - набљудување на процесот на реформи на јавната администрација од страна на граѓанските организации“, со поддршка од ЕУ.