Фудбал
22. February 2017 - 13:13

Руни во Кина за македонска плата?!

Капитенот на англиската фудбалска репрезентација Вејн Руни, како што пренесува „Sun“, добил неморална понуда од неименуван кинески проволигаш, поради што не е исклучена можноста тој во наредните денови да го напушти Манчестер Јунајтед.

Според истиот извор, неименуваниот тим, на Руни му понудил неделна плата од еден милион фунти (1.184.190 евра), односно, фудбалерот дневно би заработувал 169.000 евра.

Кога овие суми ќе се споредат со просечната плата во Македонија, која според Државниот завод за статстика во јануари изнесувала 22.380 денари (околу 367 евра), тогаш се доаѓа до „луди“ бројки.

Сумата од 169.000 дневно преставуваа 460 просечни македонски плати, односно фудбалерот една просечна македонска плата би заработил за 3,1 минути (181 секунди).

Вејн Руни и Манчестер Јунајтед имаат една недела да одговорат на понудата, бидејќи за седум дена завршува преодниот рок во Кина.

Капитенот и најдобриот стрелец во историјата на клубот од „Олд Трафорд“, има договор до јуни 2018 година.

„Дали ќе не напушти наредната недела? Тоа треба него да го прашате. Не можам ниту за себе да гарантирам дека ќе бидам тука за една недела, како тогаш би можел да гарантирам за некој фудбалер. Знам само дека никогаш не би можел да ја натерам клупската легенда да го смени клубот“, рекол менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо.

Инаку, Руни, во вторникот, се огласи на својот профил на Инстаграм. „Одлично е што повоторно тренирам со овие момци“.

Вејн Руни (31) во Манчестер Јунајтед пристигна во 2004 година од Евертон, за клубот има одиграно 549 натпревари на кои постигнал 250 голови. За Англија постигнал 53 голови на 119 одиграни натпревари.