Македонија
19. September 2016 - 15:45

Рудните јами како превентивни езера за справување со поплавите

Искористување на одредени рудни јами како превентивни езера е едно од можните решенија за справување со поплава.

Ова денеска го истакна земјоделскиот инженер Аври Ливни вработен во Палге Мајн од Израл на конференцијата која се одржува во Скопскиот саем, за  превенција на идни штети од поплави во урбаните средини преку имплементација на Израелската експертиза. 

- За почетокот на полавите, односно за водни стихии кои според статистиката се случуваат во период од 500 и повеќе години, многу малку може да се стори за да се  превенира, меѓутоа за позачестените како на пример на секои 100 години водени стихии за кои има повеќе евиденција може да се направат одредени работи кои што ќе ја подобрат во голема мера ситуацијата. Во овој момент се размислува дека овде може да се искористат постоењето на одредени рудни јами како превентивни езера во кои би ја сопрале водената стихијата и би нашле инженерско решение потоа водата помирно да продолжи да се движи, истакна Ливни.

Според него, за поголемите и пообемни води не е решение изградбата на дренажни канали, бидејќи, како што рече, не се покажуваат како најсовремени решенија.

За Ран Вајсмен инженер за води од Израел начинот на работата со водата треба да биде холистички.

- Ние ја третираме водата онака како шти ја третира природата, како еден циклус кој не може да се подели само како одвод и довод или третман на атмосферска вода и канализациска вода или на пречистување. Една поплава може да го наруши целокупниот еколошки систем, а секоја секоја претерана количина на вода, исто така, значи неискористен ресурс, истакна Вајсмен

Амбасадорот на Израел во Македонија Дан Оријан рече дека Израел покрај помошта од опрема што ја прати за време на поплавите денеска и утре нивни експертите ќе дадат идеи и совети  за третирање на водата во иднина.

- Подолго време чуствуваме дека Израел има капацитет да понуди помош околу работата со водните системи. Сметавме дека би било правично да разговараме на две нивоа, од една страна со оние кои што донесуваат одлуки и од друга со техничките експерти. Затоа овој пат нема да дадеме само чизми и друга опрема, туку да се обидеме да постигнеме нешто подобро за подобро менаџирање со водите, истакна Оријан.

Амбасадорот Оријан утринава предаде донација со градежни материјали на претставници на месната заедница на Стајковци, по што со израелските експерти направија увид на најоштетените локации.

Експертскиот тим од Израел утре во соработка со АДКОМ, Асоцијацијата на даватели на комунални услуги на Македонија, треба да одржи целодневен тренинг семинар за 70 претставници на комуналните претпријатија од цела Македонија на тема „Израелските искуства во секторот на води и менаџмент со водните инфраструктури“.