Македонија
28. August 2016 - 17:07

Рудникот за олово и цинк „Злетово“ – Пробиштип од денеска повторно почна со работа

Рестартирањето на рудникот за олово и цинк „Злетово“ е резултат на една напорна и ефикасна работа на Владата во минатата и оваа година кога рудникот се најде во исклучително тешка ситуација, односно кога беше колабиран заради финансиските проблеми на неговиот претходен концесионер. Се направи една многу брза и ефикасна акција да се завршат сите законски процедури, да се најде нов концесионер којшто денеска и официјално на овој празник го рестартира рудникот.

Ова денеска го изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој присуствуваше на рестартирањето на рудникот  „Злетово“ – Пробиштип.

- Веќе се вратени околу 140 вработени, интенцијата е да се вратат сите вработени на работа, дури и оние коишто веќе се заминати во некоја од околните држави или во регионот. Ќе им биде понудено да се вратат. Ме радува што тоа се случува. Овде во Пробиштип невработеноста е преполовена, така што тоа е добар знак, рече Груевски.

Со работењето на овој рудник и со враќањето на работа и на останатите рудари, посочи, веројатно тоа уште подобро ќе се реализира намалувањето на невработеноста. Тој нагласи дека ВМРО - ДПМНЕ е политичка гарнитура која е многу насочена кон економијата.

- Рударството е еден од тие делови на економијата. Како што знаете, пред неколку дена почна да се отвора нов рудник којшто за една година ќе биде целосно во функција и ќе работи, ќе се експлоатира рудата, ќе има голем број на вработени. Веќе следната година почнува да се гради Иловица рудникот. Дадени се концесии за уште многу, се вршат многу истражувања, така што ќе има уште многу места каде што ќе се отвораат рудници во Македонија и каде што ќе се отвораат нови работни места, изјави Груевски.

Нагласи дека во рудниците освен директните вработувања многу се важни и индиректните вработувања бидејќи секој рудник покрај директните вработувања, влече и многу голем број на индиректни вработувања, разни снабдувачи на рудникот со различни работи, со стоки, со услуги итн., така што значително ја намалува невработеноста и дава економски импулс за развој на целиот регион каде што се наоѓа тој рудник.

- Се радувам што напорите што ги започнав уште како премиер и коишто подоцна продолжија дадоа резултати, во Пробиштип повторно се враќа рудникот, повторно рударите се враќаат на работа, денеска им е празникот, па дојдов да присуствувам на нивниот настан и на рестартирањето на рудникот. За месец и пол од сега очекувам да се отвори и рудникот „Тораница“ во Крива Паланка, така што работите во тој дел одат во добар правец, додаде Груевски.