Македонија
18. May 2016 - 13:12

РСБСП го осудува уништувањето на сообраќајната сигнализација

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) го осудува секој чин на уништување на сообраќајната сигнализација затоа што на тој начин директно се загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот. 

Ова денеска го изјави секретарот на РСБСП Ристо Манчев, кој апелираше до надлежните институции веднаш да преземат мерки за поставување на сообраќајната сигнализација, согласно сообраќајните правила и прописи. 

Според него, треба одговорност и свесност зашто граѓаните на Република Македонија може да платат со својот живот. 

- Уништувањето на сообраќајната сигнализација нема и не може да има никакво оправдување и тоа претставува непочитување на животот, здравјето и безбедноста на учесниците во сообраќајот, рече Манчев.

Тој апелираше до матурантите да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот и да не користат моторно возило за време на матурските вечери.

- Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возачите почетници немаат право да управуваат моторно возило во периодот од 23 до 5 часот наутро. Толеранцијата на алкохол е нула, потенцира Манчев.