Loading Video...
Фудбал
6. December 2017 - 17:15

Розенборг последна шанса за вардарци за позитивен резултат

Македонскиот првак Вардар утре ќе го одигра последниот меч во фудбалската Лига Европа. Вардарци кои досега немаат освоено ниту еден бод, се надеваат дека конечно пред својата публика ќе успеат да го сторат тоа, бидејќи за противник го имаат Розенборг против кој на гостувањето во Норвешка загубија со 3-1, иако имаа и шанси да останат непоразени. 
 
Тренерот Чедомир Јаневски и дефанзивецот Дарко Велковски потенцираа дека утре против норвешкиот шампион, ќе мора да се даде максимумот, бидејќи овој меч е последната шанса да се освои боди или три во групната фаза
 
„Ова е наш последен меч во Лига Европа и видовме сите што значи да се игра во оваа натпреварување. Сето ова треба да ни биде мотив за во иднина, да не застанеме тука. Ова беше настап во кој собиравме искуство, стручниот штаб, играчите, сите. Сепак, мораме да гледаме и на резултатски план. Досега не минавме добро, а на две гостувања бевме блиску до бод, со Розенборг каде што одигравме добар меч, како и на последниот меч со Зенит, каде бевме рамноправен противник, посебно во вториот дел и можеби можевме до историски бод. Утре е последна шанса да дојдеме до толку посакуваниот бод или бодови“, изјави Јаневски на денешната прес-конференција во пресрет на утрешниот меч. 
 
Велковски смета дека и на првиот меч во Норвешка, Вардар беше блиску до позитивен резултат, но пропуштените шанси фудбалерите на Розенборг ги казнија, па на крајот црвено-црните загубија со 3-1. 
 
„ Сите играчи се подготвени за овој натпревар да го дадат максимумот од себе, а доколку го сториме тоа верувам дека ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи. Не очекува тежок натпревар против Розенборг тим кој негува класичен скандинавски фудбал. Таква игра ни одговара, тоа го видовме и во квалификациите против Малме и Копенхаген, но и на првиот меч против Розенборг. Шансата ќе ја бараме со игра по земја, бидејќи Норвежаните се подобри во воздушни дуели. Се надевам дека достојно ќе се простиме од европското натпреварување и конечно ќе го освоиме тој толку посакувам бод, зошто да не и трите“, изјави Велковски.
 
Вардарци се единствените во Л групата кои досега немаат освоено нити еден бод, односно на петте одиграни натпревари забележаа исто толку порази. 
 
Последната шанса, колку толку да се поправи впечатокот, пред се резултатски, е утрешниот меч против Розенборг кој ќе се игра во терминот од 20 часот и 5 минути на националната арена „Филип Втори“.