Македонија
17. September 2017 - 17:10

Рокот истече, ДИК се уште не потври кои се ќе учествува на локалните избори

На еден ден пред ждрепката за редоследот на кандидатите за локалните избори, од Државната изборна комисија не откриваат колку од поднесените листи за градоначалници и советници се прифатени, а колку одбиени. Иако рокот за потврдување на кандидатските листи истече на полноќ, колку кандидати ќе влезат во трката за освојување на локалната власт најверојатно ќе се знае утре, во исто време кога согласно усвоениот роковник ќе треба да се одржи и ждрепката за утврдување на единствената листа на кандидати за градоначалници и советници.

Во телефонски разговор од ДИК за Сител велат дека во текот на денот општинските изборни комисии треба да ја комплетираат електронската апликација на комисијата, по што ќе се сумираат податоците.    

Најголем број на кандидати за градоначалници и листи на советници за локалните избори поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Најголем интерес меѓу партиите предизвика освојувањето на град Скопје, за каде беа поднесени 8 кандидатури. Освен ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, за власта во главниот град ќе се борат и Левица, ТМРО, ДПА, БЕСА, Алијансата на Албанците и НДМ. Свој кандидат за Скопје не понуди ДУИ, кои на овие локални избори за прв пат ќе влезе во коалиција со СДСМ.

Согласно роковникот, кампањата за локалните избори ќе стартува на 25 септември и ќе трае до 13 октомври на полноќ.