Македонија
1. April 2017 - 17:08

Родителите на деца со посебни потреби го креваат гласот за проблемите со кои се соочуваат

Симболично во „5 до 12“ , под слоганот „Сплотени срца“, родителите и Здруженијата за деца со посебни потреби се собраа на плоштадот „Слобода“ во Штип, за да посочат на проблемите со кои секојдневно се соочуваат.

- Веќе имаме возрасни деца со посебни потреби. Нивните родители се баби и дедовци. Еден ден нас ќе не нема, што ќе биде со нашите деца?- изјави Зоран Мијалков, родител на дете со аутизам

Во Штип постои Центар за деца со аутизам. Вработените во Центарот, кои денес се приклучија на собирот, немаат соодветна обука за работа со овие деца, а и потребни се дополнителни вработувања.

- Дневните центри, за жал кај нас функционираат само за чување на деца, за ние тие 4-5 часа, колку што можат нашите деца таму да издржат, да се ослободиме и да се посветиме и на другите членови на нашите семејства-изјави Викторија Каранфилова, самохран родител на дете со аутизам

Во локалната самоуправа постои проект за изградба на Центар за возрасни лица со посебни потреби, а крајниот рок за реализација е 2018 година.

- Нам ни недостасува тој Центар многу, со цел да ги осамостоиме овие лица- изјави д-р Лилјана Крстева, НВО „Порака“-Штип

Родителите и Здруженијата бараат овие лица да бидат ослободени од партиципација за лекарства и болничко лекување и по навршување на 26-тата година, зашто тие не се во можност сами да акумулираат финансиски средства за купување на соодветните терапии.