Македонија
27. јуни 2017 - 16:42

Рочиштето за поткуп одложено за септември, премиерот Заев се појави на суд - ќе ги почитувам судските одлуки

Стартот на судскиот процес Поткуп повторно одложен. Одбрана на Заев бара видео снимката објавена на Јутјуб да не биде дел од доказната постапка во овој случај, бидејќи со нејзиното јавно објавување бил прекршен законот, правата и приватноста на обвинетиот, а лицето кое ја поседувало снимката сторило кривично дело оддавање на државна тајна. Премиерот Заев вели дека снимката објавена на интернет е автентична, но не е целосна.

-Две и пол години Обвинителството истражува од каде излегле овие снимки. Се знае по закон дека постои само една снимка, не може да постојат две, дека должен и за нејзино чување, управување и процесуирање понатаму е само јавниот обвинител и веднаш истата снимка се појавува на јутјуб. Не треба да се биде посебен експерт или посебен стручњак во оваа област да се знае дали е истата снимка или не е. Истата снимка е, таа е снимката што се појави. Проблемот е што два пати е делена, сечена директно. За да се покаже комплетното дејствие требало ако се објавува барем цела да ја објави. Барем ако не друго, јавноста да ја знае целата вистина. Така да масакрирањето на самата снимка ја покажува целата грдосија на настан којшто сакаат да се прикаже во јавноста и тоа комплетно да се направи мое оцрнување, масакрирање и судење јавно за денеска да се изгуби дури и можноста на Јавното Обвинителство таквиот доказ да го употреби во постапката, рече Заев

Јавниот обвинител кој го води случајот одговори дека истрагата кој и на каков начин го прикачил видеото на интернет е се уште во тек. Следното рочиште е закажано за 27 септември до кога судот треба да донесе одлука дали ќе го прифати барање на одбраната.

-Јас сум само една страна од постапката. Судот е тој којшто ќе носи одлуки, мојата намера е целосно почитување на судот и судските решенија, како и судските одлуки. Се надевам дека брзо ќе се работи, ќе се донесат судски одлуки, за на крајот и јас како и сите граѓани, да ја дочекам правдата за мене, посочи Заев

Во случајот Поткуп, Зоран Заев е обвинет во својство на градоначалник на Струмица за барање поткуп од близу 200.000 евра за приватизација на градежно земјиште. За ова обвинување Заев прв пат седна на обвинителна клупа на 25 јануари минатата година