Свет
25. March 2017 - 11:22

Роботите загрозуваат 30 отсто од работните места во Британија

Роботиката и вештачката интелигенција би можеле да загрозат една третина од работните места на вработените во Велика Британија до 2030 година, покажуваат резултатите од истражувањето на консултантско-ревизорската компанија ПрајсвотерхаусКупер (PwC). 

PwC во студијата меѓутоа проценува дека пред се ќе се промени природата на некои професии, отколку што тие целосно ќе исчезнат. 

Компанијата додава дека автоматизацијата би можела да создаде поголемо богатство и дополнителни работи во голем број сектори на стопанството.

Работните места во производството и во малопродажбата се меѓу најизложените на ризик од новите технологии, се наведува во истражувањето.

Студијата проценува дека 30 отсто од постоечките работни места во Велика Британија се во потенцијално високо ризичната група од автоматизација во споредба со 38 отсто во САД, 35 проценти во Германија и 21 отсто во Јапонија.

Според истражувањето најголем ризик од автоматизација на работните места има за вработените во секторите превоз и складирање (56 отсто), производство (46 отсто), големопродажба и малопродажба (44 отсто), административните и помошните услуги (37 отсто), финансиите и осигурувањето (32 отсто), градежништвото (24 отсто), додека на овој ризик најмалку се изложени вработените во образованието (девет отсто).

Иван Хоуксворт, главен економист на PwC изјави за Би-Би-Си дека мануелните, рутински работи кои успешно можат да се програмираат се најмногу изложени на ризик. 

- Професиите кај има повеќе од човечки допир, како што се здравството и образованието ќе бидат побезбедни, додаде тој. 

Користењето роботи на одредени работни позиции се зголемува, при што вработените во некои сектори веќе се спротивставуваат на потенцијалните предизвици. 

- Веќе можете да видите на железничките станици дека сите тие штрајкови во одредена мера се поврзани и со воведувањето возови без машиновозач, изјави Хоуксворт. 

Во иднина, додаде тој и возачите на камионите би можеле да „ја делат работата“ со самовозечките камиони.

- Се на се луѓето ќе мораат да бидат поприлагодливи, порача Хоуксворт. 

Британската Влада би требало да им помогне на работниците со понизок степен на образование со тоа што ќе им обезбеди дополнителна обука во следните десет до 20 години, се наведува во извештајот на PwC.