Македонија
17. August 2017 - 12:19

Ретроспективна изложба на копаничарот Раде Костовски

Во уметничката галерија на Локална установа Градски музеј - Крива Паланка, вечерва ќе биде отворена ретроспективната изложба на дводецениското творештво над копаничарот Раде Костовски.

- Костовски е првиот копаничар од овој крај, а неговиот талент се огледа во бројните дела создадени со врвна вештина и умешност на примена на сите техники на копаничарството: плиток, длабок, ажурен, поткопан и скулпурен релјеф. Има свој препознатлив стил и специфичен пристап на изведба и исклучителен напор и труд посветен на копаничарските обликувања на форми и композиции, изјави Драган Величковски, директор на ЛУ Градски музеј, Крива Паланка.

На ретроспективната изложбата, 20 години творештво ќе бидат преставени четириесеттина дела: скулптури, икони, плочи со флора и фауна и ситен мебел.

- Костовски изработува уникатни уметнички дела со длето во ореово дрво: икони, портрети, експонати, амблеми, предмети, рамки, мебел во различни форми и димензии и со различен релјеф и техника на резба, додава Величковски.

Раде Костовски е самостоен уметник, копаничар, роден 1961 година во Крива Паланка, каде и ги создава делата. Создал голем број копаничарски трудови, продавани низ Македонија, но и Белгија, Германија, Австрија, Австралија, Америка и Канада. Учесник е на петнаесетина самостојни и групни изложби, а член е на здружението на копаничари на Македонија ЗКМАК од 1998 година.

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот, а на неа ќе бидат поставени изработки од младите кривопаланечки копаничари, Милена Николовска и Ане Стоилковска.