Македонија
21. April 2017 - 14:50

Реплики, контрареплики и процедурални забелешки на 16. продолжение на конститутивната седница

Собранието на Република Македонија денеска го одржува 16. продолжение на конститутивната седница на која на дневен ред се формирање Комисија за прашања на изборите и именувањата и како последна точка на седницата е избор на претседател на Парламентот.

Во досегашниот тек од расправата главна тема е тиранската платформа и кој и зошто има корист од политичката криза во земјата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека платформата е постизборно подметната и бараат СДСМ да се откажат од неа и да се оди на нови избори на кои, како што велат, граѓаните ќе знаат за што гласаат. Од СДСМ, пак, сметаат дека со расправата не се почитува собранискиот Деловник и дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дискутираат за теми кои не се поврзани со точката на дневниот ред.

Љупчо Николовски од СДСМ во процедурална забелешка посочи на кршење на Уставот и дека не се зборува за темата на точката на дневен ред, како и дека тоа се прави со цел блокада на исплата на субвенциите на земјоделците.

На тоа Трајко Вељаноски одговори дека пратеникот Николовски кажува невистини и дека пратеникот Љупчо Димовски зборувал на темата и повика да се продолжи со работа на точките на дневен ред и дека со вакви непотребни процедурални забелешки само се отежнува работата. 

Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е историски момент и како народни претставници мора да бидат со народот кој, како што рече, веќе три години бараат одговор на прашањето кој ја турна Македонија во вака длабока криза и кој има интерес од тоа.

- Кој имаше корист да ги втурне граѓаните во политичка криза. Помотивирана партија од СДСМ нема и граѓаните веќе бараат решение на оваа криза на улица и бараат да се врати власта и легитимитетот на ова собрание кај нив и тие со својот глас да одлучат на кого ќе ја доверат иднината на себе и своите внуци во следните четири години. Дали на тие што заговараат и преговараат бинационална и потоа федерална држава или на тие што работеа и работат на унитарна е економски просперитетна Република Македонија, изјави Данев.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во реплика рече дека односот на СДСМ кон граѓаните на Македонија е политика на тројански коњ, на која нудат плата од 30.000 денари, а внатре подметнуваат прогласување за геноциден народ. - Затоа ваквата политика на СДСМ треба да се отфрли на избори и граѓаните да знаат за што гласаат, рече Милошоски.

Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ во реплика рече дека СДСМ ја започнале кризата со цел да дојде на власт и со тоа, според неа, ја втурнаа државата во оваа тригодишна криза.

Ејуп Аљими од Демократската унија за интеграција, во процедурална забелешка, побара од пратениците да зборуваат за темите на дневниот ред и да не се блокира Собранието, како и да се дозволи избор на Комисија и претседател на Собранието.

Мемеди Весел од Алијанса за Албанците посочи да се прочита книгата „Од Осака до Дижонска“ за да се дознае кој има добивка или корист од кризата. според него, корист имаат сите деструктивни сили и струи кои постојат во политичките партии, институции и верски заедници во државата, а кои немаат етникум и меѓусебно одлично комуницираат.

Седницата ќе продолжи по пауза од еден час. 

Согласно договореното, во Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да членуваат шест претставници од ВМРО-ДПМНЕ и пет од СДСМ, а ДУИ и БЕСА да имаат по еден член.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом. 

Ново на Сител