Македонија
19. April 2017 - 15:05

Реплики и преодурални забелешки и на денешното собраниско продолжение

Пратениците во Собранието на Македонија денеска ја продолжија конститутивната седница на која се расправа за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. 

И денешното 14. продолжение од расправата поминува со реплики, контрареплики од пратениците. ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да се откаже од платформата од Тирана, која беше главна тема и денеска, како и да се организираат брзи избори за излез од постојната криза.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ побара одговор СДСМ што конкретно договориле работните групи во врска со националните симболи и зошто заговарале дебата за промена со учество на домашни, но и странски екесперти.

Крсте Муковски, реплицирајќи и на Даниела Рангелова, истакна дека потврдаоти платформа постои била вчерашната изјава на албанскиот премиер Еди Рама.

По ова, рече, треба да се побара одговор дали е прифатлива платформата и дали е реално партија која изгубила избори да направи мнозинство под уцена на таква платформа, не само пратениците од СДСМ, или коалициските партии, туку и од сите оние кои, како што рече гласале за нив, за други партии или ги направиле неважечки ливчињата, односно сите лица чии гласови си ги присвојуваат. Дури потоа, потенцира, може да се продолжи со работа и да се избере претседател на Собранието.

Тој, сметаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ треба да биде човек, кој јасно ќе се дистанцира од тиранската платформа. Таа, посочија, како и разговор за промена на национални симболи не нудат подобар живот, туку се црв на раздор меѓу граѓаните.

Сметаат дека со денешното молчење шпратениците од СДСМ покажуваат колку им е важна темата, и колку ја примаат пораката од сите граѓани кои протестираат секојдневно, кои како што рекоа, ги множат со нула. Но, можеби, рече Рангелова, молчењето е доказ дека се премислиле и не им се прифатливи решенијата од платформата. 

Можеби, додаде таа, не можат да одговорат на прашањата затоа што се помеѓу чекан и наковална, ако речат дека не ја прифаќаат не можат да направат коалиција, ако речат дека ја прифаќаат ќе го изгубат гласачкото тело кај Македонците.

Зијадин Села од Алијансата на Албанците реагирајќи процедурално истакна дека сака да расчисти една, како што рече, манипулација што повеќе денови се шири во Собранието, а тоа е дека се планира македонскиот народ да се прогласи за геноциден народ.

- Грешите, не се народите геноцидни. Ако не сте знаеле, повторно ќе ви објаснам. Обичниот граѓанин воопшто не е виновен за нешто што е направено, односно за нешто што одредени режими во одредени периоди го правеле, истакна Села.

Не се работи, додаде тој, за осуда на геноцид што го направил народ, туку, како што рече, режими многу слични на сегашниот којшто треба да падне и да понесе одговорност за своето однесување.

Реагирајќи исто така процедурално на изнесените ставови на Села, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ако некој си игра со чувствата на граѓаните тоа е тој кога изјавува дека дека не постоеле Македонци пред 100 години, но и оние од СДСМ, бидејќи, како што рече пратениците од неговата партија се клучни за парламентарно мнозинство и ниту еднаш не ја осудиле таквата изјава.

- За да постои геноцид потребна е тенденција на намалување на населението, а не на зголемување. Пример, во вашето родно село пред 100 години пола од населението биле Македонци, а денеска нема ниту еден, таму пред 100 години имало црква, а во 1960 година таа црква е срушена. Можеби на тоа треба да дадете одговор. Можеби и за тоа треба да разговараме. Ве молам не отворајте вакви теми и да ги злоупотребувате чувствата на граѓаните за дневна политика и да се правите најголем Албанец овде поради тоа што немате што друго да понудите, рече Димовски.

Немој да заборавите, истакна, дека обичните луѓе и Македонци, Албанци и сите други кои живеат никогаш немале проблем да живеат заедно,  да си помогнат да си честитаат празници. Проблем, рече, имало кога луѓе ги злоупотреубаат и ги хушкат едни против други. 

Процедурално реагираше и Оливер Спасовски кој му забележа на претседавачот со Собранието Трајко Вељаноски дека не ја води седницата како што предвидува Деловникот и оти на таков начин дозволува да продолжи хаосот во Собранието.

- Затоа господине Вељаноски ве молам да реагирате на секој дискутант којшто не се придржува на темата за дебата, ако сакаме на таков начин да ја усмериме дебата, да бидеме поефикасни толку колку што е можно и да колку толку држиме некакво ниво на дебата во Парламентот, истакна Спасовски. 

По ова паралментарците заминаа на редовна едночасовна пауза.