Свет
28. јуни 2016 - 12:27

Ренци: Не може во ЕУ да се прифаќа само она што некому му одговара

Италијанскиот премиер Матео Ренци се спротивстави денеска на британските иницијативи за нееднаква примена на одредбите и правилата на ЕУ, што се појавија по изгласувањето на Брегзит на референдумот од минатата недела.

Повод за новите толкувања на идните британско-европски односи е иницијативата за нов референдум за ЕУ, за што се собрани повеќе од 3,5 милиони потписи и изјавите на некои британски политичари околу „специјалната позиција„ што би ја обезбедила за себе Британија, посебно околу миграцијата, во некои допонителни преговори на Лондон и Брисел.

„Не може во рамките на ЕУ да се прифаќа само она што некому му одговара, а да се отфрла се друго и посебно она што не ви се допаѓа- изјави за Си-Ен-Ен премиерот Ренци, мислејќи на основното правило на кое се темели Унијата- за слободното движење на луѓе и работна сила.

Според италијанскиот премиер, Италија и другите земји членки се подготвени да зборуваат за нови иницијативи, за реформирање и менување на некои состојби, но Ренци инсистира дека „ не може се да се урниса, за да се задоволи нечие незадоволство„.

Идејата за нови преговори, по референдумот не е нова во Лондон и за неа често во кампањата зборуваа политичарите што заговараа Брегзит.

Таквата идеја последен ја спомена актуелниот министер за здравство Џереми Хант,  еден од  претендентите за наследник на премиерот и лидер на конзервативците Дејвид Камерон кој во петокот поднесе оставка.

Хант смета дека не само што е можен нов референдум за ЕУ, туку  и дека е можен договор на Британија со ЕУ со кој би и се дозволило на британската влада да воспостави„ целосна контрола врз своите граници„. Тоа  за британските евроскпетиците и антиевропејците значи дека за  британската влада не би важело приваилото  за слободно движење (доаѓање) на мигрантите од  другите земји членки.

„Италија има разбирање за стравот од миграциските движења, но сега не може целата политика да се насочи кон удоволување на разните популисти како Најџел Фараж, Марин Ле Пен, или на лидерите на движењето Лига Норд и Пет ѕвезди во Италија„- вели Ренци.

Италијанскиот премиер, сепак, смета дека има нешто добро во Брегзит, затоа што сега е јасно оти нешто треба да се менува (во Унијата) , со  враќање кон вистинските вредности на европското интегрирање, кое не е само за да се создаде заеднички пазар, туку и за да се промовира и одржува европската идеја на заедништво и солидарност.

Матео Ренци смета дека работте околу Брегзит не може да се развлечат во недоглед.

„Имам целосен респект за Дејвид (Камерон) и за одлуката на Британците, но не може до бескрај да се одржува неизвенсноста„- рече италијанскиот премиер во разговор за Си-Ен-Ен.

Италија, заедно со Германија и Франција, како и со Белгија, Холандија и Луксембург се земји основачи на некогашната ЕЕЗ (сега ЕУ)  и преводници на европското интегрирање.