Македонија
8. January 2017 - 19:25

Рекордно ниски минус 28 степени во Македонија - Патиштата проодни

Бремените и хронично болните лица над 60 години утре и во вторник да бидат ослободени од работа. Ваква препорака донесе комисијата за превенција од студени бранови при министерството за здравство поради многу ниските температури во Македонија. Комисијата препорачува и градежните работници активностите на отворено да ги изведуваат од 10 до 16 часот и да прават чести паузи во загреани простории и да консумираат топли напитоци . Според податоците од УХМР денеска осоговско-малешевскиот и полошкиот регион се во портокалова фаза на студено време.

-Препораките се за целата територија, меѓутоа со посебен акцен на овие Осоговско-малешевскиот и на Полошкиот регион, изјави д-р Јованка Костовска, државен советник во министерството за здравство.

Според надлежните стабилна е состојбата по снежното невреме и студениот бран кои ја зафатија Македонија. Ризиците се намалуваат, но сеуште постојат и не треба да се потценат.

Клучните ризици се во однос на здравјето на населението и снабдувањето со електричната енергија, а во помал обем со водоснабдувањето и одвивањето на сообраќајот, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на Р. М

Од ЦУК информираа дека магистралните и најголем дел од регионалните патишта низ земјава се проодни, но движењето  е отежнато и во зимски услови. Забрана за тешки товарни возила има на Плетвар и крак Маврово-Дебар. Непристапни се неколку патишта кои водат кон планински предели во Струга,Велес,  Штип, Куманово и Чучер Сандево. Наредниот период интензивно ќе се работи на расчистување на овие патни правци.

- На телефонскиот број на ЦУК 195 засега нема некои пријави од граѓани кои што живеат на овие места. Доколку имаат потреба од намирници или од лекови апелираме да го користат нашиот број кој работи 24 часа за да можат нашите служби навремено да реагираат,изјави Надица Вчкова, портпарол на ЦУК

Генерално стабилно е и снабдувањето со електрична енергија, но пријавени се проблеми на низок напон во планински населени места повеќето во Источна Македонија.

-Системот на снабдување е стабилен, но она што загрижува, како што посочи е зголемената потрошувачка на електрична енергија, па можни се одредени оптоварувања. На 6 и 7 јануари потрошувачката во однос на истиот период лани е зголемена за 16 проценти како последица на ектремно ниските температури.изјави Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

Авио и железничкиот сообраќајот се одвиваат нормално, во прекин единсствено е линијата Велес –Кочани поради поголеми наноси на снег, а доцнење има и неколку автобуски релации.