Македонија
19. March 2018 - 12:11

Регионална депонија во Источниот плански регион, потребни 26.610.594 евра

Советот на Општина Делчево денеска даде согласност да се основа регионална депонија и соодветна инфраструктура за Источниот плански регион од страна на Владата согласно Законот за управување со отпад.

Градоначалникот Горан Трајковски на седмата седница на Советот истакна дека главни причини поради кои се пристапи кон донесување ваква одлука се проблемите со кои се соочува општината во управувањето со отпадот и неможноста за исполнување на обврските кои произлегуваат од Законот за управување со отпад.

- Проценувајќи ја својата финансиска состојба, потребните средства за расчистување на непрописните депонии и обврската за собирање и отстранување на отпадот во стандардизирана депонија, Општината увиде дека нема можност за решавање на проблемите. Заради заштита на животната средина и здравјето на луѓето, како и состојбата со отпадот во општина Делчево неопходно е итно преземање на активности со цел собирање, транспортирање, селекција и отстранување на отпадот, истакна Трајковски.

Воедно, рече, согласно Националниот план за управување со отпад на Република Македонија и Регионалниот план за управување со отпад за Источен плански регион, потребно е да се воспостави регионален систем за управуање со отпад преку основање регионална депонија и соодветната инфраструктура.

Физибилити студијата за управување со отпад во Источниот плански регион утврди дека се потребни 26.610.594 евра за основање региoнален систем за управување со отпад. Минималните финансии што ќе треба да ги обезбеди поединечно секоја општина, ќе бидат постигнати по јавно објаневниот тендер што ќе го распише Владата.