Бизнис
10. December 2015 - 14:39

Редовна линија Скопје - Прага од мај идната година

Од мај идната година повторно ќе биде воспоставена редовната авионска линија Скопје - Прага. „Чех ерлајнс“ од 20 мај ќе сообраќа на релацијата Скопје - Прага двапати неделно во понеделник и во петок, а од 13 јуни и секоја среда.

Билетот во еден правец ќе чини 5.039 денари, а цената на повратниот билет ќе изнесува 9.725 денари, вклучувајќи ги сите такси.

- Чех ерлајнс (ЦСА) ќе почне со операции на линијата Скопје – Прага од 20 мај 2016 и ќе лета два пати неделно кон аеродромот ,,Александар Велики’’. Полетувањето од Скопје ќе биде во понеделник и петок наутро во 04:10 по локално време, а пристигнувањето на аеродромот ,,Вацлав Хавел’’ во Прага во 06:00 по локално време. Од 13 јуни 2016, авиопревозникот ќе додаде уште едно полетување од Скопје во среда во истото време. Летовите од Прага ќе бидат во четврток и недела, а од 14 јуни 2016 и од вторник, навечер од 22:25 по локално време, со пристигнување во Скопје во 00:25. Летовите ќе бидат оперирани со модерни воздухоплови Ербас А319 со 144 седишта во бизнис и економска класа. Чех ерлајнс (ЦСА) планира да оперира преку целата година, се наведува во соопштението од ТАВ Македонија.

Летовите ќе  се реализираат со модерни воздухоплови Ербас А319, а „Чех ерлајнс“ (ЦСА) планира да оперира преку целата година. Билетите од вчера се во продажба преку веб-страницата www.czechairlines.com, како и преку нивниот контакт-центар и мрежата на туристички агенции кои се занимаваат со продажба на авиобилети.

- Ние го сметаме овој регион за многу перспективен благодарение на фактот дека овие земји се на патот кон Европската Унија. Постојат многу деловни операции меѓу Македонија и Република Чешка. Токму во овој регион гледаме потенцијал за редовен воздушен сообраќај. Во исто време, веруваме дека директната врска меѓу Прага и Скопје ќе придонесе за натамошен развој на деловните односи меѓу двете земји. Исто така, убедени сме дека редовната директна врска ќе биде привлечна за туристите од двете земји. Македонија и Чешка, како и Скопје и Прага, без сомнение имаат бројни атрактивни места за сите видови туристи, изјави Јан Тот, директор за комерција и маркетинг во„Чех ерлајнс“.

Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски, со новата линија Скопје-Прага се реализира уште едно барање на патниците.

- Авиокомпанијата Чех ерлајнс (ЦСА) оваа линија успешно ја опслужуваше од 2005 до 2012 година. Повторното летање за Прага ќе овозможи поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија. Очекуваме поголем прилив на чешки туристи, како и зголемување на карго-превозот, истакна Крстевски.

Првиот лет од Скопје до Прага на Чех ерлајнс (ЦСА) беше реализиран на 17 мај 2005 година, а летовите беа прекинати на 17 март 2012 година поради преструктуирање на компанијата.

Од јануари до ноември е забележано зголемување од 21 процент на бројот на патници на двата македонски аеродроми, достигнувајќи борјка од 1.435.053 патници. Во исто време, вкупниот број на воздухопловни операции изнесува 14.244, што е зголемување од 10 проценти.