Македонија
25. September 2017 - 19:27

Реакција на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Спасовски

-Социјалдемократскиот сојуз продолжува со политичката хајка и притисоците врз кандидатите за градоначалници што е израз на нивниот страв и нервоза од претстојниот изборен пораз.

Она што Социјалдемократскиот сојуз го прави не е само киднапирање на институциите, не е само диктатура и режим, во Македонија завладува хунта.

Во истиот момент кога министерот за внатрешни работи, господинот Спасовски дава изјава дека полицијата нема се вклучува и интервенира во изборите, имаме поднесување на монтирана и целосно бесмислена кривична пријава против градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, а финансиската полиција има упад во уште една општина раководена градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ.

Денеска беше поднесена кривична пријава против градоначалникот на Крива Паланка, господинот Арсенчо Алексовски од една проста причина затоа што обезбедил бесплатен превоз за учениците. Негова била вината зошто децата се превезувале бесплатно.

Исто така денес финансиската полиција раководена од политичките структури на Социјалдемократскиот сојуз упадна во исто време во општината Вевчани, и во семејната фирма на градоначалникот на Вевчани, господинот Цветомир Угриновски.

И ова не беа единствените случаи на политичка конструкција врз градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, бесмислена кривична пријава беше поднесена врз градоначалникот на Прилеп, господинот Марјан Ристески, зошто не ја осигурал општината од нагрдувањето на шарената револуција додека тие што ја нагрдуваа и оштетуваа се на слобода.

Градоначалникот на Велес, господинот Славчо Чадиев доби кривична пријава за тоа што ставил точка на дневен ред на советот на општината пред точно 5 години.

Градоначалникот на Кавадарци, господинот Панов доби кривична пријава заснована на исказ кој два пати го променил истиот, без никаков конкретен материјален доказ, а на удар се најде и кандидатот за градоначалник на истата општина, господинот Митко Јанчев кој без било каква причина беше застанат и малтретиран од страна на претставници на МВР, а досега никој за жал не е санкциониран поради тој настан.

Социјалдемократскиот сојуз преку инструираните институции поднесе кривична пријава и против градоначалникот на Штип, господинот Илчо Захариев поради тоа што направил пристапен пат до фабрика која е странска инвестиција и која што вработува стотици штипјани.

Политичка монтирана пријава доби и градоначалникот на Неготино, господинот Ванчо Апостолов.

Сето ова се случува во рок од само еден месец што е јасен показател дека на овие избори Социјалдемократскиот сојуз има недостаток на проекти, идеи, предлози, и дека нивна главна понуда ќе бидат политичките хајки и притисоци против кандидатите за градоначалници предложени од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие нема да сакаат да говорат за она што им е важно на граѓаните, за решенија, програми, патишта, паркови, проекти, нивниот фокус ќе биде политичката хајка против ВМРО-ДПМНЕ. Пријавите се јасен израз на нервозата во Социјалдемократскиот сојуз и страв од претстојниот пораз на локалните избори. Нема да не уплашат, и нема да им помине. Секој ден луѓето се помотивирани, и поспремни да се спротивстават на ваквата хајка. Народот е веќе одлучен, а Социјалдемократскиот сојуз треба да се соочи со сопствената неспособност, со слабата поддршка и поразот кој им престои на следните локални избори.

Колку повеќе прават притисоци, толку повеќе ќе ја губат поддршката од народот. Сите релевантни меѓународни дипломатски претставништва во земјата ќе бидат известени за злоупотребите кои ги прави актуелната власт предводена од Социјалдемократскиот сојуз. И на крај ќе биде посочена дека многу брзо ќе дојде времето кога ќе одговараат поради сите овие неправди и злодела кои што се случуваат во изминатите неколку дена. Правдата ќе ги стигне за сите и правдата е над сите.

Интегрален текст од прес конференција на Христијан Мицкоски, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ