Македонија
2. March 2017 - 16:19

Реакции на партиите на етничките заедници на прифаќањето на албанската платформа од страна на Заев

Исправени пред историскиот предизвик за опстанок на татковината, основачите на ВМРО ДПМНЕ прокламираа манифест за Македонија, преку кој повикаа на единство меѓу политичките партии. Ги повикаа сите македонски патриоти во земјава и дијаспората, независно од етничкото потекло, верското уверување и партиската припадност на семакедонско помирување и обединување за одбрана на унитарноста на државата.

Доаѓањето на власт не смее да биде на штета на државните интереси, велат од партијата ПОДЕМ, оценувајќи ја одлуката на претседателот Иванов да не го додели мандатот на Зоран Заев како државничка, која ќе го спречи разнебитувањето на Македонија.

Jасно и недвосмислено испраќаме порака дека никој нема право да се пазари или да ги користи како уцена државните и национални интереси бидејќи тие треба да ни бидат водилка нас и на нашите поколенија. Упатуваме јавна порака до лидерот на СДСМ Зоран Заев да ја прифати дадената понуда од страна на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, да донесе државничка одлука и одлука со која ќе се отфрли платформата од Тирана, се вели во соопштението од ПОДЕМ.

На зачувување на унитарниот карактер на Република македонија повикаа и од Партијата на Власите.

Од Обединетата Партија за Еднаквост на Ромите ги охрабруваат лидерите на сите политички партии во Македонија да постигнат општ политички консензус, преку кој би се решила политичката криза.

Поаѓајки од позитивните Уставни вредности во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ и другите националности кои живеат во Република Македонија, повикуваме на поддршка на Уставниот поредок на Република Македонија, соопштуваат од ОПЕР.