Македонија
4. October 2017 - 17:07

Различни реакции кај засегнатите страни на барањето на обвинителот за повторно судење за случајот „Монструм“

Политички пазар наместо правда- вака Раде Славковски татко на убиениот Филип Славковски гледа на последниот развој на правната постапка за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.

Револтот и недовербата пораснале по вчерашниот пресврт кога и Јавниот обвинител се повлече од доживотните затворски казни и побара ново судење за обвинетите.

Роднините на убиените момчиња се уште не виделе ниту слушнале што Специјалното обвинителство поседува како доказ. Скептични се, но се уште се надеваат дека убијците на нивните деца ќе завршат зад решетки.

За роднините на осудените пак вчерашниот настап на обвибнителството е охрабрувачки.

Во меѓувреме адвокатите на осудените ја водат следната битка- час поскоро судот да донесе одлука за нивно ослободување од притвор. Велат дека тоа е можно откако и обвинителството изразилко сомнеж во нивната вина.

По повеќе од 5 години од убиството кај Смилковци вчера Јавната обвинителка Лилјана Спасовска која е и ВД Државен јавен обвинител побара наместо Врховниот суд да ги потврди доживотните затворски казни за кои претходно се бореше обвинителството, предметот да се врати на повторно судење. Ова беше образложено со евентуалното постоење на прислушувани разговори кај Специјалното јавно обвинителство.

Обвинителката која во прв степен го застапуваше обвинението за Монструм Гордана Гешковска денеска одби да даде став пресвртот во постапувањето на обвинителството.

- „Нема да коментирам постапување на колеги“, изјави во телефонски разговор Гешковска.

Таа во завршните зборови за овој случај во 2014та изрази уверување дека лицата треба да добијат доживотен затвор.

Правни експерти велат дека вчерашното барање на обвинителството е изненадувачко.  Ниту обвинителството ниту одбраната не му доставија на Врховниот суд нови докази врз основа на кои би требало да се укинат доживотните затворски казни. Се говори само за евентуално постоење на релевантни докази кај Специјалното јавно обвинителство.

Сега Врховниот суд има рок од 60 дена за да донесе одлука- највисокиот суд може да ги потврди доживотните затворски казни или да го врати предметот на повторно судење.

Актуелниот премиер како лидер на СДСМ повеќе пати нагласуваше дека случајот Монструм е политички монтиран но до сега не се приложени докази за тоа. Предметот беше споменат и како еден од условите за пост изборна коалиција во таканаречената Тиранска платформа на албанските политички партии во Макеоднија.