Македонија
11. December 2017 - 17:07

Разговорите за името во Брисел што ќе се одржат утре, ќе им претходи заедничка вечера на медијаторот со преговарачите

Новата рунда разговори за решавање на спорот за името, со посредство на медијаторот Нимиц ќе се одржи утре во Брисел, по цели три години застој од последната средба.
 
Сител дознава дека на утрешните разговори ќе им претходи вечера на медијаторот со преговарачите, наместо одвоени средби како што беше вообичаено во претходните обиди за решавање на спорот.
 
На средбата во Брисел ќе учествуваат официјалните претставници на двете земји Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, а во договор со посредникот, засилени со по еден дипломат од двете министерства за надворешни работи.
 
Иако на утрешната средба од Нимиц не се очекува нов предлог за името, туку, како што рече министерот Димитров собирање сигнали од страна на медијаторот, договор околу форматот и динамиката на разговорите, сепак грчките медиуми не исклучуваат Нимиц да стави нов сет идеи на преговарачката маса.
 
Во последната изјава за медиумите Метју Нимиц рече дека нов предлог ќе даде кога ќе смета дека е најдобро време за тоа, но и дека гледа добра волја кај двете страни за решение.
 
Оптимизам дека спорот конечно може да се реши искажаа и високиот американски дипломат Хојт Ји и еврокомесарот Јоханес Хан, како и премиерите македонскиот и грчкиот премиер.
 
Заев во повеќе наврати изјави дека треба да се направи исчекор и оти сега има поголеми шанси од порано да се изнајде решение, а Ципрас од Белград порача дека очекува позитивни случувања во 2018 година доколку, Скопје одлучи да направи позитивни чекори напред.
 
Интересно е што во истовреме во Брисел ќе биде присутен и министерот Димитров, кој ќе учествува на работен ручек на шефовите на дипломатиите од ЕУ и од земјите кандидати зачленство.
 
Атинското воис радио, пак денеска објави анкета за очекувањата на Грците од новата 2018 година, според која 35,1 процент од испитаниците веруваат дека најверојатно ќе се најде решение за прашањето за името на БЈРМ.