Македонија
21. July 2016 - 16:49

Раздор во опозицискиот блок - Левица, „шарената револуција“ и активистите на Сорос незадоволни

Раздор меѓу опозициските активисти и левичарски партии по постигнувањето на политичкиот договор за надминување на кризата. Тие обвинуваат дека договорот не гарантирал фер и демократски избори.

Од партијата Левица вината ја наоѓаат во СДСМ, бидејќи во текот на преговорите најголемата опозициска партија не ги испочитувала барањата на граѓаните.

Левица со незадоволство гледа на склучениот договор Пржино 2, договор кој не гарантира фер и демократски избори и излез од политичката и економска криза. Склучен е договор кој ги изневери барањата и принципите на протестното движење, на најголемиот дел од сите оние граѓани кои масовно и секојдневно излегуваа на улиците изминатите 3 месеци, стои во реакцијата на партијата.

На склучениот договор меѓу четирите најголеми политички партии реагираа и од Шарената револуција.

Граѓанското општество не беше вклучено во овие преговори, ниту како набљудувач, ниту како консултант. Ова повторно го наметнува сомнежот дека партиите од власта ќе ги искористат сите средства кои им се на располагање за да спречат спроведување на договореното. Ваквите ризици одново предизивикуваат губење на довербата во целиот процес, стои во соопштението.

Револт и разочараност по постигнување на политичкиот договор искажуваат и најгласните поддржувачи на опозицијата, преку социјалните мрежи. Еден од најагресивните перјаници на СДСМ Ивор Мицковски на својот фејсбук профил напиша дека да беше добар договорот сега опозицијата ќе правеше историски митинг, билдајќи ја еуфоријата дека се ближи крајот на Груевски, но наспроти ова, граѓаните се разочарани од ваквиот договор. 

Негодување за постигнатиот политички договор искажуваат и опозициските колумнисти и професори, пишувајќи дека СДСМ мислат само на себе. Колумнистот Бранко Тричковски преку социјалните мрежи прашува Дали сте одушевени од договорот за решавање на политичката криза и зошто не?

Аналитичарот и колумнист Арсим Зеколи на својот фејсбук профил ја обвини СДСМ дека си го гледа само својот интерес, обвинуваќи дека Радмила Шекеринска брка кариера.

И дел од водачите на шарената револуција не се задоволни од постигнатиот договор, велејќи дека револуцијата наместо шарена станала црна.