Loading Video...
Ракомет
19. November 2017 - 17:38

Раул задоволен од играта во нападот, Талески призна дека вардарци одиграле шампионски

- Ракометарите на Вардар со сигурна игра во текот на сите 60 минути ја обезбедија седмата победа во групата и го совладаа германскиот првак Рајн Некар Ловен со 30:26.

На прес-конференцијата тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалез изјави дека е задоволен од играта и победата на тим од најсилната лига во светот.

- Јас сум задоволен од играта и што победивме тим од германската лига, која е најсилна на светот. Добро се подготвивме за играта „7 на 6“. Имавме и добар старт и одигравме подобро и од дуелот со Барселона, рече тој.

Хрватскиот интернационалец во дресот на Вардар Игор Карачиќ постигна три голови. 

- Ги следевме во текот на целата сезона. Ние се подготвивме за овој натпревар. Добро ја знаевме нивната игра. Ги исполнивме сите замисли на Раул од „а до ш“, изјави по средбата Карачиќ. 

Македонскиот репрезентативец во дресот на германскиот ракометен шампион Рајн Некар Ловен Филип Талески ги одигра своите минути во Скопје против Вардар, а на прес-конференцијата тој кажа дека „црвено-црните“ се вистински европски прваци.

- Вардар покажа дека е вистински европски првак. Одигра добар натпревар. Ние постојано го бркавме резултатот, а Вардар знаеше како треба да игра. Мора да направиме добра анализа за следниот дуел што ќе го играме во Мајнхајм и да ги корегираме грешките, изјави Талески.

Во следното коло Вардар гостува кај Рајн Некар Ловен.