Македонија
28. February 2016 - 16:07

Расте бројот на мигранти кај Идомени на грчка територија

Состојбата на јужната гранична линија е стабилна, но бројот на бегалците кои пристигаат на грчка територија во близина на Идомени се зголемува откако неколку земји од балканската рута најавија дневно ограничување на влегувањето и ја зголемија контролата.

Според грчките медиуми во моментов на грчка територија во непосредна близина на котата 59 се наоѓаат околу 6000 лица кои чекаат влез во Македонија и продолжување на патот кон земјите на ЕУ. Од македонска страна преминот за влез во државата не е затворен, но пропуштањето на бегалците е намалено и зависи од состојбата на северниот дел и динамиката на пропуштање од страна на српските власти.

Во меѓувреме започна и  оградувањето на патот кој води од котата 59 до транзитниот центар Винојуг. Целта е со поставувањето на оградата да се направи своевиден коридор кој ќе ја зголеми безбедноста на бегалците  и ќе овозможи нивна полесна ориентација.

Стабилно е и транзитниот центар Винојуг, а бројката на бегалците кои пристигнаа во текот на вчераниот ден и во текот на  ноќта беше преполовена откако околу 400 од нив попладнево со воз заминаа кон Табановце. Останатите ќе заминат штом ќе бидат создадени услови и овозможен влез од страна на Србија.