Македонија
13. January 2016 - 16:37

Расте бројот на деца заразени од овчи сипаници, пред се што престојуваат во градинка

Бројот на заболени со овчи сипаници во пораст. Во Скопје само за една недела биле пријавени над 130 заразени, најмногу се  од градинки. Зголемен број на варичела има и во Куманово, Прилеп и Струмица. За декември минатата година Институтот за јавно здравје добил 900 пријави што е двојно повеќе од претходниот месец. Децата од 4 до 10 годишна возраст се најпогодената популација, но заболеле и повозрасни над 30 години, кај кои според епидемиолозите, компликациите можат да бидат поизразени.

-Варичелата е лесна болест која поминува со мирување и изолација на заразениот. овој период е вообичаено да ја има и очекуваме зголемување на бројот на пријави, вели др. Гордана Кузмановска од ИЈЗ

Бројот на заразени, местоположбата и статистиката од претходните години се дел од параметрите дали на одредено подрачје може да биде прогласена епидемија со овчи сипаници. Моменталните бројки, според епидемиолозите не се алармантни.

-Локалните центри ја следат состојбата. Засега нема простор за тоа, но не се исклучува таа можност во иднина, вели Кузмановска.

Овчите сипаници се заразни два три дена пред појава на осипот. Компликациите се ретки и кај некои пациенти може да дојде до пневмонија или воспаление на мозокот. Во Македонија нема вакцина против варичела, за разлика од повеќе земји во светот каде децата се подлежни на имунизација.