Македонија
16. јуни 2016 - 18:43

Расправата за импичмент на Иванов продолжува во понеделник

Заврши и третиот ден од расправата за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов. Продолжението, како што рече претседателот на Собранието трајко Вељаноски, е закажано за понеделник.

Пратениците од владејачкото мнозинство повторно оценија дека иницијативата на опозицијата е несонована, додека СДСМ и ДУИ останаа на ставот според кој, претседателот мора да сноси одговорност за помилувањето и треба да биде отповикан.

- Иванов изврши општ акт на амнестија, помилувајќи 56 лица, и со тоа директно навлезе во надлежноста на Собранието. Со овој чин го прекрши Уставот и смислено ги саботираше Специјалното јавно обвинителство и Договорот од Пржино според кој веќе нема да постои принципот на селективна правда, истакна Бетиан Китев од СДСМ.

Реплицираше Весна Пемова од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека одлуката за аболиција на Иванов не го прекрши Уставот, ниту Законот за аболиција.

- Иванов делуваше според Уставот и Законот, а вашиот предлог за утврдување одговорност е уште еден обид за делување против институцијата претседател. Но, резултатот од ваквото политичко делување е уште поголемо опаѓање на вашиот рејтинг, рече Пемова.

Според Ејуп Рустеми од ДУИ, би било достоинствено Иванов да се појави пред пратениците и, иако ја повлече одлуката за аболиција, да признае дека направил грешка за што, додаде, треба да сноси одговорност. - Ваквото делување на Иванов беше непромислено и ја продлабочи политичката криза, оцени Рустеми.

Софија Куноски од СДСМ го обвини Рустеми за, како што рече, политичко лицемерие. - Овие игри без граници и непринципиелни позиции на ДУИ, не се евидентни само за случајот со Иванов, туку провејуваат во секоја смисла. ДУИ одамна се има збогувано со своите амбиции и определби кои ги носи во насловот на својата партија, истакна Куновска.

Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека предлогот на СДСМ за утврдување одговорност на претседателот Иванов е неоснован и поради тоа, нагласи, пратениците треба да ја завршат дискусијата. 

Реплицираше Сугаревски, прашувајќи ја Јакимовска да каже, кога бил Иванов во право, кога ја донел или кога ја поништил аболицијата.  

- Се чудиме од каде кај вас токава храброст и дрскост да браните нешто што го осудија и домашната и меѓународната јавност. Иванов, по нарачка, со еден акт помилува преку 50 лица за повеќе од 100 дела, додаде Васко Ковачевски кој, исто така, и реплицираше на Јакимовска.

Расправата по предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија почна во понеделникот, а минатата недела собраниска Комисија ја оценуваше основаноста на предлогот поднесен од пратениците на СДСМ и коалицијата, а поддржан од пратениците на ДУИ.